Од искористените маски за лице може да се добие биогориво

Од искористените маски за лице може да се добие биогориво

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Пластиката од искористените маски за лице може и би требало да биде трансформирана во обновливо течно гориво, покажува ново истражување објавено во списанието „Биофјулс“.

Експерти од Универзитетот за енергетски студии велат дека може да се реши проблемот со искористените маски што во моментов се фрлаат во огромни количини поради пандемијата, а со тоа стануваат закана за животната средина. Истражувањето покажува дека милионскиот број искористени маски може да се претворат во биогориво кое може да им парира на стандардните фосилни горива.


Фото: Freepik

Сапна Џен, главен автор на истражувањето, објаснува дека трансформацијата ќе ја заштити животната средина, но и ќе доведе до нов извор на енергија.

Во моментов се произведуваат и се користат многу маски за еднократна употреба за да се намали ширењето на коронавирусот, а тие се штетни за околината поради материјалот од кој се направени - неткаен полипропилен.


Фото: Freepik

Овој пластичен материјал завршува во земјата или океаните, а тешко се разградува на температурите што се нормални за Земјата. Потребни се децении за да се разгради, а неговото рециклирање бара физички и хемиски методи.

Во истражувањето научниците успеале да го претворат материјалот од маските во биогориво со процес наречен пиролиза. Овој процес ја разградува пластиката на висока температура за еден час без кислород. Според авторите, овој процес е еден од најперспективните и одржливи методи за рециклирање.

Извор: phys.org