Јана Богданоска од Македонија во Лабораторијата за астрофизика во Марсеј испитува еволуција на галаксии

Јана Богданоска од Македонија во Лабораторијата за астрофизика во Марсеј испитува еволуција на галаксии

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Таа зела две факултетски дипломи за 3 години и 9 месеци. Дипломската за астрономија и астрофизика ја бранела на 30 јуни 2016, а дипломската за наставната насока ја бранела следниот ден, на 1 јули. Првпат на Институтот по физика ист студент одбранил две дипломски во два дена


За нецели четири години добила две факултетски дипломи на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Едната за физичар инженер, со насока астрономија и астрофизика, а другата како професор по физика. Сама се изборила за целосни стипендии во Франција и за магистерски и за докторски студии.
Скопјанката Јана Богданоска сега почнува со докторски студии на Универзитетот „Екс-Марсеј“ како студент на Лабораторијата за астрофизика на Марсеј (LAM - Laboratoire d'Astrophysique de Marseille) каде што ќе ја испитува еволуцијата на галаксиите. Ова е заедничка истражувачка единица на Францускиот национален истражувачки центар (CNRS - Centre national de la recherche scientifique) и универзитетот „Екс-Марсеј“ (AMU – „Aix-Marseille Université“).



- Кога се запишав на ПМФ на Институтот за физика, ја избрав насоката астрономија и астрофизика. Во текот на студирањето дознав дека е возможно да се започнат паралелни студии, што значи да се биде запишан на два факултета истовремено. Отсекогаш сум имала желба да се занимавам и со настава, па затоа се запишав паралелно на наставната насока на Институтот по физика – вели Богданоска.
На дипломите ѝ пишува дека ги завршила двата факултета за 3 години и 9 месеци. Дипломската за астрономија и астрофизика ја бранела на 30 јуни 2016, а дипломската за наставната насока ја бранела следниот ден, на 1 јули. Првпат на Институтот по физика ист студент одбранил две дипломски во два дена.



Целосна стипендија се добива со малку среќа и многу упорност

Следната станица на Јана биле магистерски студии во Марсеј, Франција, на Универзитетот Екс-Марсеј. Таа добила целосна стипендија, за која вели дека се постигнува со малку среќа и многу упорност.
- Постојат многу можности за студии надвор од Македонија, но треба тие да се најдат и да се аплицира. Понекогаш не е лесно да се најдат вакви можности, па затоа е многу важно постојано да се следат понудите, да се проверува на што повеќе места и, секако, да се аплицира. За критериумите не би можела да кажам бидејќи се различни од универзитет до универзитет. Најчесто станува збор за рангирање помеѓу кандидатите, па затоа секогаш е подобро да се има повисок просек, но и присуство на конференции и летни школи, пракси и слично исто така придонесуваат кон целокупната оценка на кандидатот. Секако, и препораките од професори се многу важни – вели Богданоска.


Јана има две факултетски дипломи од ПМФ

На магистерските студии стекнала одлични знаења бидејќи освен класичните предавања, како дел од програмата имале и проекти, кои всушност биле подготовка за научна работа.
- Целта на овие проекти беше образовна, па затоа ние како студенти сè уште не се соочувавме со нешто ново. Нашата задача беше да направиме од почеток нешто што е веќе направено. Со помош на професорите, ние бевме обучувани како сами да дојдеме до резултатите. Во текот на овие проекти стекнав вештини кои ќе ми овозможат во иднина да придонесам во светот на науката.
Универзитетот „Екс-Марсеј“ од Марсеј има одлични истражувачки капацитети. Тој е единствен универзитет во Марсеј, вториот по големина град во Франција. Јана вели дека постојат повеќе лаборатории посветени на различни науки кои се поврзани со универзитетот.
- Таков пример е и Лабораторијата за астрофизика на Марсеј, која е една од најголемите јавни истражувачки институции за астрофизика во Франција. Исто така, таа е една од малкуте лаборатории во Франција што развиваат инструменти кои понатаму се користат за вселенски летала.

Сега на истиот универзитет таа е на докторски студии, за кои исто така добила целосна стипендија.
- Мојата тема спаѓа во полето на еволуција на галаксии, а јас ќе се занимавам со обучување на различните карактеристики што ги имаат галаксиите, како на пример нивната маса, количеството цврсти честички во меѓуѕвездениот простор и брзината со која се создаваат нови ѕвезди, како и развитокот на овие карактеристики со текот на времето, од почетокот на универзумот досега. Информации за овие величини се добива од набљудување со телескопи, но исто и со споредба на податоците со модели и симулации, што и всушност ќе биде мојата задача за време на докторските студии. Сето ова има цел подобро да ја разбереме еволуцијата на галаксиите, со што подлабоко ќе ја разбереме и еволуцијата на нашиот универзум – вели Богданоска.


Во оваа лабораторија ќе ги проучува галаксиите

Знаењето од Македонија е со висока вредност

За француското образование, вели дека една од главните предности е тоа што за која било тема што би ја одбрале за изучување постои група која веќе е запознаена со методите потребни за изучување, група која има воспоставено врски со други слични групи низ светот, група која ќе му даде соодветни насоки и поддршка на некој што сака да се вклучи во таа тема.
- Секако, има предности и на финансиско ниво, што дозволува да има поголем број луѓе посветени на науката и образованието, како и пристап до современи експерименти (или телескопи во мојот случај).

Богданоска смета дека иако образованието секогаш може да се подобри, сепак, знаењето што се стекнува во Македонија е со висока вредност.
- Во неколку наврати за време на магистерските студии јас имав подобри предзнаења од моите колеги од други земји. Исто така, и кај нас има квалитетни професори кои заслужуваат највисоки пофалби, кои и во систем што постојано се менува успеваат да им пренесат знаење на помладите генерации. Според мене, главните недостатоци на нашето образование се добивањето оценки како подарок или со врски, како и неволност за работа кај дел од професорите. Мислам дека главното што треба да се смени е тоа како ние ги гледаме професорите, бидејќи тие се движечката сила во образованието и ја заслужуваат секоја почит – раскажува таа.

Со изградбата на нови и помоќни телескопи многу мистерии ќе се одгатнат

Интересно е тоа што нејзината љубов кон физиката и астрономијата се развила најмногу во текот на додипломските студии. Во средно учела јазично-уметничко подрачје, но омилен предмет ѝ бил математика. Не го избрала ниту едното ниту другото.
- Се заљубив во физиката кога сфатив дека тоа не се само некои формули што никогаш нема да ми требаат, туку дека тоа е начин на опишување на природата. Отсекогаш сум била љубител на учењето нови работи и собирањето знаење, па затоа ја избрав физиката. Сметам дека со нејзина помош може да го сознаеме светот околу нас. Се одлучив конкретно за астрономијата, а по истата логика и за изучување на галаксиите бидејќи има многу мистерии кои допрва ќе се истражуваат, а кои стануваат сè подостапни со изградбата на нови и помоќни телескопи.



Главната причина зошто македонските ученици послабо се заинтересирани за физиката, според Јана, е тоа што ја сметаат само за текст напишан во учебникот.
- Наставниците многу ретко имаат можност да покажат експерименти кои се поврзани со содржините што се изучуваат, па затоа мора да се задржуваат само на теоретскиот дел. Тоа што може да се направи е да се посвети повеќе внимание на експерименти и демонстрации, за што е потребна опрема, а тоа пак бара финансиски средства.

За крај, Богданоска на сите ученици и студенти им порачува:
- Сами да си го изберат својот пат, да го следат со страст, да вложат многу труд и никогаш да не се откажуваат затоа што секогаш ќе се најде некој што ќе го цени она што го правиме со вистинска љубов. Благодарност до сите што ми помогнаа да стигнам каде што сум бидејќи секогаш имам поддршка од моето семејство, како и од голем број наставници и професори кои секогаш успевале да ме поттикнат во вистинската насока – вели таа.