Центарот на Млечниот Пат експлодирал додека нашите предци шетале по Земјата

Центарот на Млечниот Пат експлодирал додека нашите предци шетале по Земјата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред околу 3,5 милиони години од центарот на нашата галаксија Млечниот Пат избил гигантски енергетски блескот. Тој емитирал зрачење во два снопа толку силни, што неговата експлозија се чувствувала и на оддалеченост од 200.000 светлосни години.

Колку за споредба, Сончевиот Систем е оддалечен околу 26.000 светлосни години од центарот на нашата галаксија, чиј дијаметар е околу 53.000 светлосни години.

Експлозијата наречена Сејфертов блескот започнала од средиштето на галаксијата, каде што доминира супермасивна црна дупка. Набрзо се формирале силни снопови зрачење кои се ширеле по галаксијата и кои допреле сè до Магелановиот тек, оддалечен околу 200.000 светлосни години. Станува збор за трага од гас кој доаѓа од блиските џуџести галаксии Големиот и Малиот Магеланов Облак.

Научниците сметаат дека експлозијата од вакви размери била предизвикана од нуклеарна активност поврзана со црната дупка. Таа црна дупка има и име, се вика Стрелец А, а од нашето Сонце е помасивна околу 4,2 милиони пати.

- Блесокот изгледал како светилник. Замислете целосен мрак, а потоа некој накратко да вклучи светилник - истакна астрофизичарот Џос Бланд Хатон од Универзитетот во Сиднеј.

Астрофизичарите сметаат дека оваа гигантска експлозија се случила пред 3,5 милиони години, приближно во времето кога низ Африка шетале нашите древни предци како Аустралопитеките, а траела неверојатни 300.000 години.

- Оваа експлозија покажува дека центарот на Млечниот Пат е многу подинамично место отколку што се мислеше. Имаме среќа што не живееме таму - истакна астрофизичарката Лиза Кили од австралискиот центар АСТРО 3Д.