Цивилизациски аларм! Грижата за менталното здравје нема опција. Таа е императив

Цивилизациски аларм! Грижата за менталното здравје нема опција. Таа е императив

Кога зборуваме за нашето здравје, најчесто имплицитно го подразбираме неговиот физички карактер, односно физичкото здравје. Тоа значи сè повеќе се грижиме за телото, сосема оправдано, а сè уште недоволно за нашето ментално здравје. Тоа особено се однесува на нашата емоционална состојба, саморегулација, самоконтрола и другите психички процеси, особини и состојби како основни индикатори на психолошката благосостојба. Многу често забораваме дека хроничниот стрес, емоционалната исцрпеност, осаменоста и нарушеното чувство на смисла, исто така, го обликуваат здравјето. Од тие причини, психолошкото здравје не е луксузна категорија на здравјето. Тоа е негов внатрешен регулатор. Светската здравствена организација го разбира менталното здравје како состојба на благосостојба која му овозможува на човекот да се справува со животните стресови, да ги развива своите способности, да учи и да работи продуктивно и да придонесува во заедницата (World Health Organization [WHO], 2022). Оттука, менталното здравје не може да се сведе само на отсуство на психичко нарушување. Тоа е динамичен капацитет за адаптација, саморегулација, поврзаност и создавање смисла. Затоа, во последно време фокусот на грижата за здравјето се префрла на неговите ментални димензии. Треба да знаеме дека менталното здравје не е состојба што ја забележуваме само тогаш кога ќе се појави проблем. Тоа е тивка, динамична и постојано присутна димензија на човековото постоење. Го определува начинот на кој мислиме, чувствуваме, реагираме, одлучуваме и се поврзуваме со другите. Во нашето современие, кога станува збор за менталното здравје, недозволиво ја практикуваме познатата формула: „Ќе се справам подоцна“. Пропуст кој се граничи со негрижа која нема опција. „Би можеле да кажеме дека менталното здравје нема само свој ден“. „Сите денови се негови“. Да напоменеме дека здравјето не започнува тогаш кога телото ќе се разболи. Тоа започнува тогаш кога човекот ќе почне да се грижи за себе. Здравјето не е состојба на апсолутна контрола, тоа е способност за постојано приспособување. Затоа, во новото време здравјето треба да го разбереме пошироко. Не само како физичка функционалност. Не само како медицински резултат. Не само како отсуство на дијагноза. Туку како способност човекот да остане во контакт со себе, со другите и со реалноста што го опкружува.

Можеби денешниот најголем здравствен парадокс не е тоа што не знаеме доволно за здравјето. Парадоксот е што знаеме сè повеќе за здравјето, а сè уште не се грижиме доволно за нашето ментално здравје. Менталното здравје не е тивка заднина на човековото постоење. Тоа е внатрешниот регулатор преку кој човекот го доживува светот, ги разбира сопствените емоции, ги регулира реакциите, донесува одлуки и воспоставува односи со другите. Кога тој регулатор е нарушен, последиците не остануваат само во умот. Тие се прелеваат во телото, семејството, работата, образованието и целокупното социјално функционирање. Современиот човек, сепак, живее во парадокс. Сè повеќе зборуваме за квалитетот на животот, а често забораваме на квалитетот на нашиот внатрешен живот. Но, колку често го следиме сопствениот психолошки товар? Хроничниот стрес и продолжената психолошка преоптовареност не се само непријатни животни искуства. Тие можат да влијаат врз емоционалното и физичкото функционирање и да го зголемат ризикот од различни здравствени последици (McEwen & Akil, 2020).

Хармонизација на умот

Хармонизацијата на умот е еден од најсложените и најзначајни психолошки процеси поврзани со менталното здравје. Таа не претставува едноставно отсуство на негативни мисли, емоционални конфликти или психолошки тешкотии. Напротив, таа претставува динамичен процес во кој човекот постојано ги усогласува своите мисли, емоции, потреби, вредности, мотивација и однесување. Човекот не живее само со она што го мисли. Тој живее и со она што го чувствува, со она во што верува и со начинот на кој дејствува. Токму затоа, психолошката рамнотежа не може да се сведе само на рационалност. Потребна е синхронизација меѓу разумот и емоциите, меѓу внатрешните потреби и надворешната реалност, меѓу личната автономија и односите со другите. Хармонизираниот ум не е ум без конфликти. Тој е ум кој може да го препознае конфликтот, да го разбере, да го обработи и да го интегрира. Во таа смисла, психолошката зрелост не се манифестира со избегнување на тешките емоции, туку со способноста тие да се претворат во информација, искуство и можност за развој. Хармонизацијата подразбира и внатрешна кохерентност човекот да може да препознае што мисли, што чувствува, што сака и зошто постапува на одреден начин. Кога овие психолошки компоненти се во траен конфликт, се зголемува внатрешната напнатост. Кога се поврзуваат и интегрираат, се создава поголема психолошка стабилност и отпорност. Затоа, менталното здравје може да се разбере и како континуиран процес на хармонизација на умот со самиот себе, со другите и со светот во кој човекот живее. Умот не мора секогаш да биде мирен, тој мора да биде способен да создава хармонија и во немирот.

Затоа грижата за менталното здравје треба да стане дел од секојдневната култура на живеење

Менталното здравје е динамична психолошка рамнотежа во која човекот ја препознава, разбира и регулира сопствената внатрешна состојба, но истовремено успешно се адаптира кон надворешниот свет. Грижата за менталното здравје најчесто започнува кога човекот веќе не може. Таа треба да започне додека сè уште може. Менталното здравје не бара човекот никогаш да не биде тажен, исплашен, лут или ранлив. Психолошката зрелост не е отсуство на тешки емоции. Таа е способност да ги препознаеме, разбереме и регулираме. Емоцијата не е слабост, таа треба да се експресионира. Таа е информација. А способноста да ја прочитаме таа информација е дел од психолошката писменост. Особено е значајно да истакнеме дека не ни треба еден ден во годината за да се сетиме на менталното здравје. Ни треба секој ден да се сетиме на себе. Од психолошки аспект, за зачувување и унапредување на менталното здравје, значајни се: Самосвест, препознавање на сопствените мисли, емоции, потреби и ограничувања. Емоционална регулација, способност да се управува со интензитетот и изразувањето на емоциите. Самопочитување, реалистично прифаќање и вреднување на себеси. Самодоверба, уверување во сопствените способности и можноста за справување со предизвиците. Психолошка отпорност, способност да се надминат кризи, загуби и стресни ситуации. Адаптација, флексибилно приспособување кон промените без губење на личниот интегритет. Мотивација и смисла, чувство дека животот има насока, вредност и цел. Емпатија, разбирање на сопствените и туѓите емоционални состојби. Меѓучовечки односи, способност за доверба, комуникација, блискост и поставување здрави граници. Саморегулација, усогласување на мислите, емоциите и однесувањето со личните цели и вредности. Психолошка автономија, способност за носење одлуки без прекумерна зависност од надворешната процена. Оптимизам и надеж, очекување дека иднината може да биде подобра и дека сопственото дејствување има значење. На крај би истакнале дека највисокото ниво на ментално здравје не е отсуство на проблеми, туку способност човекот да остане психолошки функционален, флексибилен и човечки интегриран и тогаш кога животот не е едноставен.

„Колку и да сакаме да се грижиме за нашето здравје, особено за менталното, ако тоа не е постојана навика, грижата е инцидентна!“

Автор: акад. проф. д-р Љупчо Кеверески, претседател на Интернационалниот центар за емоционална интелигенција Охрид (ИЦЕИ)