Зошто сите планети имаат заоблена форма?

Зошто сите планети имаат заоблена форма?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Понекогаш научниците сакаат да ја опишуваат Земјата како син мермер бидејќи е заоблена и има многу вода. Океаните на Земјата се прилично специјални - на другите места во Сончевиот Систем нема мориња или ако има траги од течна вода, тие се сокриени под неколку милји длабок мраз. Но, заобленоста на нашата планета е друга приказна. Од Меркур до Нептун, нашите соседи се со заоблена форма и изгледаат како гигантски топки. Дури и световите надвор од нашиот Сончев Систем се прилично заоблени.

За да сфатиме зошто, мораме да се вратиме на раѓањето на една планета - во случајот на Земјата тоа би било околу 4,5 милијарди години. Планетите се формираат во вид на облаци од прашина околу нови ѕвезди. Како што се судираат делчињата од прашината, така се спојуваат и формираат поголеми грутки.

Како што расте една планета како Земјата, нејзината гравитација станува сè посилна. Гравитацијата на Земјата е виновникот зошто не летаме во вселената. Кога ќе скокнеме, таа нè враќа назад. Но, само кога објектот ќе стане навистина голем (како Месечината или Земјата) може да се почувствува привлечната сила.

На крајот, новата планета станува толку голема што нејзината гравитација е доволно силна за да ја направи површината нагмечена. Тоа се случува од сите насоки одеднаш, па планетата добива заоблена форма.

Многу други работи во вселената се заоблени поради нивната гравитација, како Сонцето и Месечината. Објектот треба да биде прилично голем за да се случи ова - да има ширина од околу 600 милји. Помали тела, како астероиди и комети, кои имаат послаба гравитација, може да имаат чудни облици. На пример, природниот сателит на Сатурн, Прометеј, изгледа како компир.

Природниот сателит на Сатурн, Прометеј, личи на компир
Фото: НАСА

Ниту Земјата нема совршено топчеста форма, но сепак ако ја погледнете од вселената, таа изгледа прилично заоблена.