„Војаџер 2“ испрати податоци од меѓуѕвездениот простор

„Војаџер 2“ испрати податоци од меѓуѕвездениот простор

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Војаџер 2“ ја преминал границата меѓу хелиосферата и меѓуѕвездениот простор за помалку од еден ден.

По 42 години во вселената и поминати речиси 18 милијарди километри, сондата „Војаџер 2“ испрати податоци за границата меѓу хелиосферата и меѓуѕвездениот простор.

- Границата е многу јасна. „Војаџер 2“ ја преминал за помалку од еден ден - рече Џон Ричардсон, еден од коавторите на истражувањата. Вселенското летало навлегло во меѓуѕвездениот простор на 5 ноември 2018 година, на повеќе од 17,7 милијарди километри од Земјата.

Анализирајќи ги податоците, специјалистите ја определиле формата на огромниот магнетен балон кој го обиколува Сончевиот Систем.

Сончевиот ветер - бескрајниот поток од наелектризирани честици што излегуваат од надворешната атмосфера на Сонцето - создава огромен заштитен балон околу Сончевиот Систем наречен хелиосфера.

vojadzer
Фото: NASA


Границата на Сончевиот Систем - местото каде што завршува Сончевиот ветер и почнува меѓуѕвездениот простор, се нарекува хелиопауза.

Самата хелиопауза, пак, изгледа многу потенка од очекуваното.

Сондата првпат ги измерила температурата, густината и брзината на сончевите и меѓуѕвездените ветрови, како и карактеристиките на магнетните полиња и космички зраци.

Плазмата - четвртата состојба на материјата по тврдата, течната и гасовитата, во меѓуѕвездениот простор е значително погуста отколку во хелиосферата, а температурата е пониска. Исто така, резултатите покажуваат дека хелиосферата е симетрична, барем во двете точки пресечени од „Војаџер 2“ од 2018 година и од „Војаџер 1“ во 2012 година.

Хелиопаузата останува мистерија и покрај информациите од мисиите на „Војаџер“: не ја знаеме нејзината точна форма или структура, делумно затоа што и двете вселенски летала го оставиле Сончевиот Систем патувајќи во приближно иста насока.

Леталото може да испрати и други податоци. И двете сонди функционираат и преземаат мерења во меѓуѕвездениот простор, но ќе почнат да ја губат моќта во наредните пет години.

Сондите „Војаџер“ биле лансирани во 1977 година со цел да ги истражуваат Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун.

По завршувањето на таа мисија тие продолжија да работат.