Нова метода на лекување пациенти со оштетување на хранопроводот воведена на Клиниката за гастроентерохепатологија
На Клиниката за гастроентерохепатологија денес првпат беа изведени интервенции на радиофреквентна аблација кај пациенти што имаат Баретов езофагус, или оштетување на слузокожата на долниот дел од хранопроводот, кои ако не се третираат, може да доведат до карцином на хранопроводот. Радиофреквентна аблација е ендоскопска техника со која променетото ткиво се изложува на топлинска енергија, со што се уништува.
Проф. д-р Калина Гривчева-Стaрделова, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија, рече дека го воведуваат новиот метод на лекување на овие пациенти со дел од тимот на Клиниката и со помош на нивниот колега Иво Бошкоски, кој работи на Католичкиот универзитет, во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим.
Оваа нова метода не се работи во блискиот регион, а ова значи дека имаме потенцијал да станеме регионален центар за радиофреквентна аблација на Баретов езофагус.
- Со новата метода се прави и значајна заштеда на здравствениот систем, затоа што една ваква интервенција во странство чини и до 15.000 евра, а во некои случаи е потребно и повторување на интервенцијата - рече проф. д-р Гривчева-Старделова.
Постапката се изведува во амбулантски услови од гастроентеролог, а пациентот е под анестезија.
- При изведување на оваа процедура се користи електрода монтирана на ендоскоп за да се испорача топлинска енергија директно до променетото ткиво на хранопроводот. Гастроентерологот одбира соодветна електрода за процедурата, што зависи од должината и количината на Баретовиот хранопровод, процес кој обично трае десетина минути - рече д-р Бошкоски.
Тој појасни дека ако не се третира соодветно оваа состојба кај пациентите, може да доведе до канцер. Тој објасни дека самата патологија е деликатна, а алтернатива на оваа метода е хируршка интервенција.
- Со десетминутна радиофреквентна аблација на хранопроводот извршена е ерадикација на Баретов езофагус, односно промена на слузницата на хранопроводот во метапластична, а потоа во дисплазија. Интервенцијата ја извршија колегите Владимир Андреевски и Урим Исахи, а јас правев само опсервација. Пресреќен сум што оваа метода почна да се работи и во Македонија - рече Бошкоски.
Баретов хранопровод настанува како компликација од долготрајна повторувачка гастроезофагеална рефлуксна болест, односно оштетување на хранопроводот предизвикано од враќање на киселината од желудникот.