Четири бизарни книги според вистински настани ако сакате мрачни приказни
Понекогаш најморничавите приказни се оние што се случиле во вистинскиот живот. Од необични злосторства и мрачни историски настани до неверојатни човечки судбини, реалноста крие приказни во кои е тешко да се поверува, а уште потешко да се заборават. Ако сакате наслови кои истовремено интригираат, шокираат и тераат на размислување, издвоивме бизарни книги според вистински настани кои докажуваат дека вистинскиот живот понекогаш може да биде пострашен од фикцијата.
„Ѓаволот во белиот град“, Ерик Ларсон
Книгата „Ѓаволот во белиот град“ е мрачен спој на историјата и криминалистиката. Во 1893 година Чикаго е домаќин на Светската колумбиска изложба, голем настан кој симболизира напредок, иновација и модерен свет. Додека архитектот Даниел Барнам се обидува да оствари амбициозен проект и да изгради величествен изложбен простор, во истиот град се одвива многу помрачна приказна. Х. Х. Холмс, лекар кој ќе стане познат како еден од најозлогласните американски сериски убијци, се користи со својот шарм и углед за да намами жртви. Ерик Ларсон ги испреплетува приказните за архитектурата, амбицијата и технолошкиот напредок со вознемирувачка реконструкција на злосторствата на Холмс.
„Ладнокрвно убиство“, Труман Капоти
„Ладнокрвно убиство“ е еден од најпознатите американски романи на 20 век кој направи ѕвезда од Труман Капоти. Во ноември 1959 година четири члена на семејството Клатер се пронајдени убиени на нивната фарма во Канзас. Семејството немало очигледни непријатели, а злосторството ја шокирало мирната локална заедница. Во книгата Труман Капоти ги истражува околностите на убиството, полициската истрага и животите на двајцата сторители, Ричард Хикок и Пери Смит. Врз основа на разговори, сведоштва и судски настани, авторот реконструира што му претходело на злосторството и како тоа влијаело врз сите вклучени. Книгата е позната по деталниот приказ на вистинскиот случај и начинот на кој ги спојува новинарското истражување со раскажувачките техники на романот.
„Странецот покрај мене“, Ен Рул
Ен Рул работела во кризен центар во Сиетл кога го запознала Тед Банди, шармантно и интелигентно момче со кое со текот на времето развила пријателски однос. Неколку години подоцна почнале да исчезнуваат млади жени, а Рул како новинарка се вклучила во истражувањето на случајот со серискиот убиец. Набрзо открила дека трагите што ги следи опасно се приближуваат до личноста која ја сметала за пријател. Книгата го носи нејзиното лично сведоштво за двојниот живот на Банди, полициската истрага и застрашувачкото откритие дека човекот што го познава можеби крие монструозна тајна.
„Вештерките: Салем, 1692“, Стејси Шиф
Во 1692 година во пуританската заедница Салем во Масачусетс се случуваат низа необични настани кога девојчињата почнуваат да покажуваат необјасниви симптоми, вклучувајќи грчеви и неконтролирани испади. Наместо да пронајдат рационално објаснување, жителите почнуваат да веруваат дека станува збор за вештерство. Набрзо почнуваат обвинувања, а стравот се шири меѓу соседите, пријателите, па дури и членовите на семејството. Последиците се катастрофални: 19 луѓе се обесени, а еден постар маж умрел откако бил притиснат со тешки камења. Стејси Шиф истражува како верскиот фанатизам, општествените тензии и колективната хистерија довеле до еден од најпознатите судски прогони во историјата.
Фото: magnific