Што се престапна секунда и престапен час?

Што се престапна секунда и престапен час?

По децении дискусии, размислувања и загриженост за часовниците во компјутерските системи, официјалните мерачи на времето во светот гласаа за замена на она што многумина го сметаа за заморна корекција: престапната секунда. Време е, велат тие, за престапен час.

Делегати од 69 земји го дадоа својот глас во четвртокот на конференција во Франција на Меѓународното биро за тегови и мерки, кое се грижи светот да се придржува до истите стандарди за време, тежина, растојание и друго.

Одлуката за усвојување на престапниот час од следната година има цел да го намали ризикот компјутерите и другите технички системи да откажат додека нивниот софтвер се бори со минутите што траат 61 секунда и уште полошо, 59 секунди, наместо заокружени 60.

- По 30 години дебата, престапната секунда му отстапува место на престапниот час. Ова ќе ги намали ризиците за системите и националната инфраструктура што зависат од точното време, а сепак ќе ја зачува фундаменталната врска меѓу нашиот глобален систем на време и ротацијата на Земјата - изјави д-р Сетнам Шемар, главен научник во одделот за време и фреквенција во Националната физичка лабораторија во Велика Британија.

Гласањето во Версај значи дека координираното универзално време може да отстапи до еден час од астрономското време пред да биде потребен престапен час, но тоа веројатно нема да се случи во следните неколку илјади години.

- Веќе имаме летно сметање на времето каде што менуваме за еден час и никој не се грижи за тоа, освен што губи сон или добива дополнителен час сон - вели Шемар.

Попознатата престапна година беше воведена пред повеќе од 2.000 години за да се осигури дека календарската година нема да заостанува зад времето што ѝ е потребно на Земјата да го заобиколи Сонцето. Додавањето еден ден на крајот на февруари на секои четири години ја врши работата бидејќи Земјата кружи околу Сонцето на секои 365 дена и четвртина.

Престапните секунди се многу понов изум. Во 1955 година Луис Есен и Џек Пари во Националната физичка лабораторија го изградија првиот практичен цезиумски атомски часовник со висока прецизност во светот. Уредот направи револуција во мерењето на времето, а во 1967 година беше напуштена астрономската дефиниција за една секунда, заснована врз ротацијата на Земјата. Оттогаш, формалната дефиниција за една секунда е траење од 9.192.631.770 периоди на зрачење што одговара на преминот меѓу две хиперфини нивоа на основната состојба на атомот на цезиум 133 на нула Келвинови степени.

Атомските часовници се исклучително стабилни и прецизни. Нивното мерење на времето стана клучно за модерните компјутерски системи, комуникациите, сателитите, берзанските системи за тргување и електричните мрежи. Но, ротацијата на Земјата е далеку помалку сигурна. Нејзиното вртење е под влијание на стопеното јадро на планетата, поместувањето на океаните, глобалните млазни струи и други природни сили.

Во основа, ротацијата на Земјата се забавува: кога астероидот ги уништил диносаурусите, еден ден траел околу 23 и пол часа. Поради ова, службените лица имаат додадено 27 престапни секунди од 1972 година за да се осигурат дека координираното универзално време е усогласено со астрономското време.

Оваа стратегија траеше повеќе од 50 години додека научниците не забележаа нова причина за страв од технолошки хаос. Во последната деценија ротацијата на Земјата се забрза, што значи дека службените лица можеби ќе треба да ја додадат првата негативна престапна секунда, што е еднакво на одземање една секунда од координираното универзално време. Веројатноста од 30 отсто за негативна престапна секунда во следната деценија го забрза гласањето во Версај.

- Престапните секунди можат да бидат доволно комплицирани - вели Шемар и додава дека телекомуникациите, електричните мрежи и навигациските системи користат високопрецизно мерење на времето, но софтверските ажурирања би можеле да ги применат престапните секунди во погрешно време, исфрлајќи ги мрежите од синхронизација.

- По престапната секунда применета во 2012 година, имаше некои компјутерски системи чии оперативни системи не можеа да се справат со 61 секунда во една минута. Серверите замрзнаа и се блокираа. Системите паднаа. И тоа се видови дефекти што можат да се случат со позитивните престапни секунди - вели Шемар.

Меѓу паднатите веб-страници беа „Редит“ и „Линкдин“. Одделно, летовите на „Кантас“ доцнеа. Негативните престапни секунди носат уште поголеми ризици.

Тестирањето на сите компјутерски системи што меѓусебно комуницираат низ целиот свет би било исклучително скапо, што е една од клучните причини за донесувањето на новата одлука.

Д-р Кристијан Бизуар, директорот на центарот, го одобри гласањето, но рече дека тоа ја префрла одлуката на луѓето во далечната иднина.

- Тоа е еден вид филозофска дискусија, бидејќи ако се случи престапен час, тоа нема да биде за многу, многу долго време. Она што го правиме е само одложување на одлуката - вели тој.

Извор: The Guardian
Фото: Magnific