Марина Иванова - најдобар млад преведувач: „Во книгата имаше термини од ирската митологија и фолклор за кои немаме директен превод, па морав да смислувам кованици“
Марина Иванова е добитник на престижната награда „Вавилон“ за најдобар млад преведувач, која ја доделува Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија.
Ова признание, кое го доделува Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија, претставува највисоко одликување во областа на преводот, а Иванова ја доби наградата за својот превод на извадок од романот „Земјата на живите и мртвите“ од ирската писателка Шона Лолес.
- Наградата има големо значење за мене бидејќи ја доделува Здружението на преведувачи и толкувачи, во кое членуваат искусни преведувачи, толкувачи и професори што долги години работат со странски јазици. Ова признание и позитивните коментари од нив ми се голем поттик да продолжам да работам напорно, да учам и да се развивам како преведувач. Кога првпат слушнав за конкурсот, пред неколку години, победата ми се чинеше недостижна. Сега ја гледам како доказ дека со труд, упорност и трпение она што ќе си го замислиш може да се оствари - ги сподели Марина своите први импресии за Факултети.мк.
Според жирито, Марина покажала високо ниво на јазична прецизност и стилска чувствителност, а нејзиниот превод се издвојувал по оригиналност и доследност на авторскиот тон.
- Наградата ја добив за мојот превод на извадок од книгата „Земјата на живите и мртвите“ од ирската писателка Шона Лолес. На конкурсот може да се пријави секој што сака да преведува на возраст до 26 години, без разлика дали го студирал јазикот или не. Должината на извадокот што се праќа треба да биде од 3.000 до 5.000 збора и оригиналот да е прозно дело напишано на некој од јазиците во Европа, а преводот да е направен на некој од јазиците што се зборуваат во Македонија - вели Иванова.
Според критериумите на конкурсот кои ги наведе Марина, може да се преведува од кој било жанр, но оригиналното дело да е објавено најмногу 5 години пред крајниот рок за пријава.
- Пожелно е да се избере текст кој не е прелесен и едноставен за превод. Со него кандидатот треба да покаже дека поседува креативност и умешност за да ја долови суштината на текстот и крајниот превод да звучи природно на македонски. Ги охрабрувам сите млади што се заинтересирани да се пријават бидејќи ова е одлична можност за учење и стекнување искуство во преведувањето - додава таа.
Марина обожавала да чита книги уште од детството и била фасцинирана од јазиците, па книжевниот превод бил совршен спој од овие две работи.
- Без преведувачите да ни ги приближат приказните, идеите и културите од другите земји, ние би биле ограничени само на оние од кај нас. Долго време им се восхитувам на преведувачите и на нивните вештини, како успеваат да го трансформираат текстот, а сепак да се задржат значењето и емоциите од оригиналот. Одамна посакувам да бидам дел од нив и сега сум чекор поблиску до целта. Се надевам дека ќе имам шанса да преведам книга за некоја од нашите издавачки куќи - вели младата преведувачка.
Марина студирала на Филолошкиот факултет на УГД во Штип и дипломирала како професор по англиски јазик и книжевност.
- Во текот на студиите, со проучување на британската и американската книжевност развив подобар аналитички пристап кон литературните дела и детално разбирање на стилските нијанси. Исто така, усовршувањето на граматиката и збогатувањето на вокабуларот ми се од полза при преведувањето. Сето знаење што го стекнав од професорите и практичното искуство сега ги применувам во мојата работа како наставничка и преведувач - истакна Иванова.
На годинашниот конкурс за наградата „Вавилон“ пристигнале 19 преводи од англиски, германски, шпански и словенечки јазик, што уште еднаш ги потврдува зголемениот интерес и квалитетот на младите преведувачи во земјата.
- Дефинитивно има многу талентирани и квалитетни млади преведувачи кои имаат желба и интерес за ова занимање, што е очигледно и по бројот на пријави. Верувам дека со поддршка и можности за дополнително учење и практика може да се развие потенцијалот што го има кај младите. Само треба да им се даде шанса, иако сѐ уште немаат големо искуство - посочи таа.
Марина досега неколку пати се пријавувала со преводи на текстови од повеќе жанрови, но токму овој извадок за кој ја доби наградата за најдобар млад преведувач ѝ бил најтежок за превод.
- Книгата е фантазија, жанр што ретко го читам, и писателката има доста специфичен стил на пишување. Исто така, во книгата се среќаваат титули и термини од ирската митологија и фолклор за кои ние немаме директен превод, па морав да смислувам кованици и соодветни називи. Сето ова го направи преводот на извадокот голем предизвик. Би сакала да преведам книги од различни жанрови, но ако морам да изберам, тогаш тоа би бил некој дистописки роман како што се, на пример, Severance од Ling Ma, Parable of the Sower од Octavia E. Butler или Sunrise on the Reaping од Suzanne Collins - заклучи Марина Иванова.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.