Одењето во уметнички галерии го намалува стресот и го зајакнува имунолошкиот систем

Одењето во уметнички галерии го намалува стресот и го зајакнува имунолошкиот систем

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Одењето во уметнички галерии може да ја подобри благосостојбата на една личност, а има и посебен ефект врз менталното здравје на современиот човек. 

Во првата студија од ваков вид, истражувачите од „Кингс колеџ“ во Лондон откриваат дека гледањето оригинални уметнички дела може да го намали стресот, да го намали ризикот од срцеви заболувања и да го зајакне имунолошкиот систем.

Британските истражувачи ги мереле физиолошките реакции на учесниците додека гледале ремек-дела од светски познати уметници, вклучувајќи ги Мане, Ван Гог и Гоген во галерија. Тие откриле дека уметноста има позитивен ефект врз имунолошкиот, хормоналниот и нервниот систем истовремено - нешто што никогаш порано не е забележано. Резултатите покажуваат дека гледањето оригинална уметност не само што ги придвижува луѓето емоционално, туку и го смирува телото и го промовира здравјето.

Студијата вклучила 50 лица на возраст меѓу 18 и 40 години во Велика Британија. Половина ги гледале оригиналните уметнички дела во галеријата „Корто“ во Лондон, додека другата половина гледале копии од истите слики надвор од галеријата.

Двете групи носеле сензори кои континуирано ги мереле нивниот пулс и температурата на кожата во текот на 20-минутната сесија, а биле земени и примероци од плунка пред и по гледањето. Од овие примероци, истражувачите откриле дека нивото на хормонот на стрес кортизол се намалило во просек за 22 проценти кај оние што ја гледале оригиналната уметност, во споредба со само 8 проценти кај оние што ги гледале репродукциите.


Уметноста има потенцијален смирувачки ефект врз воспалителните реакции на телото

Проинфламаторните цитокини (IL-6 и TNF-алфа), кои се поврзани со стрес и хронични болести, се намалиле за 30 и 28 проценти, соодветно, кај оние во галеријата, а биле без промени во другата група. Ова укажува дека уметноста има смирувачки ефект врз воспалителните реакции на телото.

Д-р Тони Вудс, истражувач на „Кингс колеџ“, вели дека истражувањето јасно ги покажува својствата за намалување на стресот од гледањето оригинална уметност и нејзината способност истовремено да нè возбудува, ангажира и разбудува.

Оригиналните уметнички дела истовремено ги активираат сите три системи - имунолошкиот, нервниот и ендокриниот

Студијата открила дека уметноста ги активира имунолошкиот систем, нервниот систем и ендокриниот систем, кој е одговорен за ослободување хормони. Истражувачите пронашле знаци на возбуда кај оние што ги посетувале галериите на уметниците, вклучувајќи пад на температурата на кожата, генерално повисок срцев ритам и варијации во моделите на срцев ритам.

Емоционалната интелигенција на секоја личност била оценета и пред студијата со помош на прашалник, но истражувачите истакнале дека ова немало ефект врз индивидуалните одговори. Она што е особено возбудливо е што наодите од истражувањето покажуваат дека овие придобивки се универзални - секој може да ги доживее. Затоа, научниците ги охрабруваат сите луѓе да одвојат време да го посетат локалниот музеј или галерија и сами да ги доживеат овие моќни ефекти.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik