„Опен АИ“ го претстави својот здравствен чет-бот - „Чет-ГПТ хелт“

„Опен АИ“ го претстави својот здравствен чет-бот - „Чет-ГПТ хелт“

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Откако го освои светот со „Чет-ГПТ“, „Опен АИ“ сака да го стори истото со својот „здравствен“ чет-бот. Имено, го претстави „Чет-ГПТ хелт“, кој треба да им овозможи на корисниците безбедно да ги поврзуваат медицинските податоци и велнес-апликациите со вештачката интелигенција на „Опен АИ“.

Како што истакнува компанијата, „Чет-ГПТ хелт“ не е наменет за дијагноза или третман, туку треба да им помогне на корисниците да се снајдат во секојдневните проблеми поврзани со подобро здравје.

-Тоа е уште еден чекор кон тоа „Чет-ГПТ“ да стане личен суперасистент кој може да ве поддржи со информации и алатки за да ги постигнете вашите цели во кој било дел од вашиот живот - вели Фиџи Симо, извршен директор за апликации во „Опен АИ“.

Од компанијата велат дека сите датотеки, разговори и поврзани апликации во „Чет-ГПТ хелт“ се чуваат одделно од другите разговори и дека овие податоци нема да се користат надвор од апликацијата, или да се користат за обука на други модели на „Опен АИ“.

Меѓу апликациите што корисниците ќе можат да ги поврзат со „Чет-ГПТ хелт“ се „Епл хелт“, „Мај фитнес пел“, „Пелотон“ и др. Сè што треба да направат е да ја изберат врската со одредена алатка или апликација во поставките.

Сега, со вештачката интелигенција, секој може да има дневен придружник кој ќе го поддржува на неговото патување кон здравјето. Наместо сами да се обидуваат да ги толкуваат советите за исхрана, луѓето бараат од „Чет-ГПТ“ да ги погледне менијата во рестораните или нутритивните вредности на производите за да разберат што одговара на нивните диететски потреби. Корисниците, исто така, му се обраќаат на „Чет-ГПТ“ за идеи и мотивација да останат активни.

- Со тоа што им помага на луѓето да донесуваат подобри одлуки во моментот и да се држат до здрави навики, вештачката интелигенција може да го направи управувањето со здравјето постојана практика што дава чувство на остварливост, наместо преголем товар - истакнува Симо.

Од компанијата нагласиле дека „Чет-ГПТ хелт“ е апликација развиена во соработка со лекарите, но не прецизирале што точно значи тоа. Сепак, „Опен Аи“ забележува дека апликацијата не може да замени лекар или да даде специфичен медицински совет.

 Засега, „Чет-ГПТ хелт“ ќе биде достапен само за мала група корисници, а пристапот постепено ќе се проширува во наредните недели.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: YouTube screenshot