Проф. д-р Огнен Спасовски е најдобар научник од општествените науки: „Соработката и тимската работа го носат целиот напредок во општеството“
Поголем дел од моите истражувања беа реализирани во соработка со водечки истражувачи од целиот свет, од престижни универзитети вклучувајќи ги Стенфорд, Харвард, Универзитетот на Пенсилванија, Јејл и др., што секако придонесува и за подобро позиционирање на УКИМ и Филозофскиот факултет во меѓународната научна сфера, вели Огнен Спасовски
Проф. д-р Огнен Спасовски од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје при УКИМ се вброи меѓу најдобрите научници за постигнати врвни резултати во 2024 година и ја доби наградата најдобар научник за општествени науки.
- Наградата ја доживувам како голема чест и задоволство поради тоа што резултатите од мојата истражувачка работа се препознаени и во нашата академска заедница. Поголем дел од моите истражувања беа реализирани во соработка со водечки истражувачи од целиот свет, од престижни универзитети вклучувајќи ги Стенфорд, Харвард, Универзитетот на Пенсилванија, Јејл и др., што секако придонесува и за подобро позиционирање на УКИМ и Филозофскиот факултет во меѓународната научна сфера. Доаѓам од Институтот за психологија и наградата ја гледам и како потврда на важната улога на психологијата за подобрувањето на животот на луѓето и за развојот на општеството - ни истакна Огнен.
Ги проучува еволуциските психолошки механизми што влијаат врз однесувањето на луѓето
Основен фокус на неговата работа е проучувањето на еволуциските психолошки механизми што влијаат врз однесувањето на луѓето денес, од механизмите кои се во основата на страдањата до тие што се основата на потенцијалите за среќа и добросостојба, или смисла во животот.
- Всушност, главната цел на овие студии е наодите да се користат за унапредување на добросостојбата и на индивидуално ниво и на ниво на заедница, или општество. Низ споменатата соработка во големи истражувачки мрежи се обидуваме да го проучиме влијанието на важни психолошки појави во (скоро) сите култури во светот, на пример, од тоа како промените во технолошката сфера влијаат врз менталното здравје и зависностите, до тоа кои фактори влијаат врз ставовите и проактивноста на луѓето во поглед на климатските промени. Историјата на човештвото нѐ учи дека соработката и тимската работа е тоа што го носи сиот напредок во општеството, па оттука, многу сум горд на овие ангажмани и достигнувања - сподели Огнен.
Неговата методологија на работа зависи од тоа како ги дефинираме истражувачките проблеми.
- Соработката во големите мрежи овозможува заеднички да договараме најсоодветни истражувачки методи и постапки, земајќи ги предвид и културните и физичките разлики. На пример, во едно истражување кое сѐ уште е во подготовка, ќе проучуваме како разликите во климатските услови, пред сè, жештината во потоплите предели во светот, влијаат врз когнитивните процеси и капацитети. Студиите секогаш вклучуваат квантитативни методи, многу често и експериментални нацрти, но често вклучуваме и квалитативни методи за продлабочено разбирање на појавите - појаснува тој.
Индивидуализмот го намалува интензитетот на доживеаната љубов
Минатата година беа публикувани повеќе од десет труда во списанија со висок фактор на влијание во кои Огнен Спасовски е (ко)автор.
- Меѓу нив особено е значаен трудот објавен во списание од портфолиото на Сајнс (Science, имено во Science Advances), каде што беше публикувано пионерското истражување за психолошките стратегии кои може да ги мотивираат луѓето да ги променат своите верувања и однесување во однос на климатските промени, на пример, со пренесување информации кои индуцираат негативни емоции поврзани со климатските промени, или како да се намали „психолошката дистанца“ од климатските промени. Поради тоа што наодите отвораат извонредни можности за примена, нашиот истражувачки тим ја доби значајната награда „Роберт Б. Чалдини“, која ја доделува Здружението за личносна и социјална психологија од САД како најголемо здружение во областа во светот. Оваа награда се доделува за истражување со извонреден придонес во објаснувањето на психолошките појави и кое ја демонстрира релевантноста на дисциплината за пошироката заедница и општеството - ни споделува Огнен Спасовски.
Од истражувањата на еволуциските механизми, како илустрација ни ги издвојува следниве:
- Во истражување објавено во култното списание Журнал за личносна и социјална психологија (Journal of Personality and Social Psychology) проучувавме колку ние луѓето навистина се „придржуваме“ на нашите декларирани преференции за идеален партнер – кога се наоѓаме во реална ситуација на избор на долгорочен партнер. Истражувањето го спроведовме во 43 земји со повеќе од 10.000 учесници. Спротивно на конвенционалните гледишта, нашите наоди покажаа дека и мажите и жените декларативно изјавуваат дека атрактивноста на потенцијалниот партнер/партнерка не им е онолку важна колку што се покажува дека им е важна при реална ситуација на избор на партнер/партнерка; Понатаму, во поглед на преференцијата да се има партнер/партнерка со капацитет за заработка (стекнување материјални ресурси), мажите се декларираат дека таа особина кај потенцијалната партнерка им е помалку важна отколку што се покажува дека навистина им е важна при реален избор, за разлика од жените кои изјавуваат дека им е повеќе важна споредено со тоа колку им е важна кога се соочени со реален избор - објаснува Огнен Спасовски.
Проучување на поврзаноста на социо-економските околности и љубовта како универзална сила
Во друг важен дел, истражувачкиот интерес е фокусиран на проучување на поврзаноста на социо-економските околности и љубовта како универзална сила што ја поттикнува посветеноста кај долгорочните партнери.
- Во студија спроведена на испитаници од 90-ина држави, утврдивме дека лицата со понизок социо-економски статус, оние со повеќе деца и жените, ѝ придаваат поголема вредност на романтичната љубов, поради ризик прекинот на врската да има посилни консеквенции. Дополнително, лицата од земји со повисок Индекс на човековиот развој ѝ придаваат поголемо значење на романтичната љубов, што укажува дека модернизацијата може да влијае врз начинот на кој луѓето денес ја евалуираат љубовта. Во друго истражување е најдено дека со зголемување на индивидуализмот се намалува интензитетот на доживеаната љубов, како и дека индивидуализмот е поврзан со пониско изразена желба за љубов. Овие наоди укажуваат дека индивидуализмот може да ја еродира важноста на љубовта и нејзината функција како универзален еволуциски механизам. Од друга страна, со цел да се унапредуваат алатките за научна работа, дел од истражувањата се фокусирани на проверката на карактеристиките на важни психолошки инструменти - ни објаснува нашиот соговорник.
Тој и понатаму продолжува да истражува, придонесува, анализира во неговото поле на интерес.
- Опишаните истражувачки линии не се случајно избрани, така што и понатаму остануваат во мојот фокус на интерес. На пример, веќе работиме на истражување како политизацијата на прашањето за климатските промени влијае врз ставовите и активитетот на луѓето во оваа сфера, а клучните наоди од оваа фаза ги поднесовме во списание од портфолиото на Нејчр (Nature/Nature Climate Change). Од друга страна, подолго време за мене е голем предизвик проучувањето на различни аспекти на влијание на користењето на технологијата, пред сè, социјалните медиуми и вештачката интелигенција. Од голема важност за добросостојбата на индивидуално и општествено ниво е да дојдеме до научно засновани наоди и насоки како умно да ги користиме овие алатки. Односно, како да ги ползуваме бенефитите, а истовремено да ги превенираме штетните ефектите врз менталното здравје, како и врз когнитивните капацитети на луѓето, пред сè, во фазите на интензивен развој кај децата и адолесцентите - подвлекува нашиот соговорник.
Фото: Филозофски факултет и приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.