Пингвините комуницираат на сличен начин како и луѓето

Пингвините комуницираат на сличен начин како и луѓето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во повеќето човечки јазици најчести се кратките зборови, а се чини дека истото важи и за животинскиот јазик, на пример, на пингвините. Истражувачи од Италија открија дека африканскиот пингвин користи исти обрасци на говор како и луѓето, што е првпат утврдено за животно што не е примат.

Научниците снимиле 590 повици за парење кај 28 африкански пингвини од три различни колонии во италијанските зоолошки градини. Овие повици звучат слично како рикањето на магарињата, поради што овие пингвини се нарекуваат и магарешки пингвини.

Истражувањето открива дека вокалните секвенции содржат три различни слога со различна должина, при што „зборовите“ што најмногу се користат се најкратки, додека најдолгите секвенции се состоеле од пократки слогови.

Истражувачите велат дека ова покажало дека овие птици споделуваат две одлики на човековиот говор - дека најчесто користените зборови се кратки, но колку е подолга реченицата, толку се пократки звуците во неа.

Во истражувањето, објавено во магазинот „Бајолоџи летрс“, се вели дека пингвините ги користат слоговите што им се достапни за да зборуваат на најекономичен можен начин, чувајќи ги пократките за еден од најчестите повици.

Ова не е првпат да биде откриено дека пингвините покажуваат слични црти како луѓето. Исто така, научниците забележале и партнерства меѓу исти полови.

Фото: Pixabay