Дали почетната страница на профилот ви е полна со карикатури од пријателите? Еве за што се работи
Дали во последно време вашите профили на социјалните мрежи се преплавени со карикатури од пријателите и колегите? Ако е така, тогаш сте сведоци на првиот голем тренд на вештачка интелигенција во 2026 година, кој го освои интернетот за само неколку дена. Корисниците ги претвораат своите фотографии во карикатури користејќи „Чет-ГПТ“, а резултатите се често смешни и изненадувачки лични портрети кои ги истакнуваат не само физичките карактеристики, туку и професиите, хобијата и малите животни навики. За разлика од претходните трендови кои имаа тенденција да разубавуваат, овој тренд ги слави хуморот и уникатноста.
Тајната е во една реченица
Центарот на овој тренд е едноставна, но моќна команда што корисниците ја пишуваат во „Чет-ГПТ“ откако ќе ја прикачат својата фотографија. Таа вирална реченица гласи: „Создај карикатура од мене и мојата работа врз основа на сè што знаеш за мене.“ Магијата се случува во вториот дел од таа инструкција. Имено, „Чет-ГПТ“ ја користи целата ваша историја на претходни разговори за да создаде персонализирана слика. Ако со месеци користите алатка за помош за програмирање во „Пајтон“, немојте да се изненадите ако ве прикаже опкружени со змии и со пет монитори. Наставник веројатно ќе се најде „затрупан“ под куп книги и шолји за кафе, а медицинска сестра со преголем стетоскоп. Токму оваа способност на вештачката интелигенција да извлече контекст од стари разговори и да го претвори во визуелни детали ја прави секоја карикатура единствена.
Но, што ако сте нов корисник или не сте споделиле многу лични информации со чет-ботот? Не грижете се, има решение и за вас, само што бара малку повеќе напор. Наместо да се потпирате на историјата на разговорите, ќе треба да бидете многу поспецифични во вашата команда. Општа инструкција ќе резултира со генеричка слика. Затоа, наместо вирална реплика, обидете се со нешто специфично. На пример: „Направи карикатура од мене и мојата работа. Јас сум графички дизајнер кој работи од дома во пренатрупана канцеларија. Пијам премногу кафе, имам три монитори и мачка што постојано седи на тастатурата.“

Зошто трендот стана толку популарен?
Експлозивната популарност на овој тренд лежи во совршената комбинација од неколку фактори. Прво, тој е неверојатно достапен на сите. Не се потребни уметнички вештини за да се создаде карикатура - сè што ви треба е фотографија и неколку збора. Второ, нуди моментални и забавни резултати кои се идеални за споделување на социјалните мрежи.
Секако, таквата популарност доаѓа со цена. На почетокот од февруари „Чет-ГПТ“ накратко се урна поради преголем сообраќај. Веб-страницата „Даундетекторт“ регистрирала повеќе од тринаесет илјади пријави за проблеми во еден момент. Покрај тоа, феноменот покрена и важни прашања за приватноста и количината на податоци што ги споделуваме со вештачката интелигенција. Фактот дека вештачката интелигенција може да ве нацрта во вашата работна средина со неверојатни детали е силен потсетник за тоа колкав дигитален отпечаток оставаме зад себе.
Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik