Еден сектор толку се разви во Кина, што денес е повреден од речиси сите светски економии
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Индустријата на чиста енергија во Кина минатата година поттикнала повеќе од 90 отсто од вкупниот раст на вложувањата во земјата, со што по вредноста ги надминува економиите на речиси сите земји во светот, освен на седумте најголеми, покажа нова анализа на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух, објавена во „Карбон бриф“.
Вторпат во последните три години извештајот покажа дека производството, вградувањето и извозот на батерии, електрични автомобили, соларна и ветерна енергија и поврзаните технологии сочинувале повеќе од третина од кинескиот економски раст и дека речиси ја дуплирале реалната вредност меѓу 2022 и 2025 година.
Минатата година оствариле рекордни 1,9 билиони евра деловни активности, што е споредливо со БДП на Бразил или Канада. Тоа сочинувало 11,4 отсто од кинескиот БДП, во споредба со 7,3 отсто во 2022 година. Кина станува сè позависна од тие сектори. Без чиста енергија, челниците во Пекинг би биле далеку од целта за раст од 5 отсто.
Поголемиот дел од дополнителните капацитети се користат за задоволување на домашната побарувачка за воведување ветерни електрани и соларни системи, кои во последно време се двојно позастапени отколку во остатокот од светот заедно.
Советниците во кинеската Влада велат дека веќе не станува збор само за транзиција во производството на електрична енергија, туку за системска промена на начинот на кој земјата е инфраструктурно поврзана и мобилна. Најимпресивен раст на вложувањата минатата година е забележан во секторот на батериите, каде што сите ефикасни технологии се користат за електрични возила и надградба на системот за напојување енергија во мрежата. Исто така, има силен раст и на извозот. Благодарение на растот на производството во светскиот производствен центар, Меѓународната агенција за енергија ѝ ги припиша на соларната енергија заслугите за давање најевтина електрична енергија во историјата, а таа сега е пристапна во многу земји од глобалниот југ.
- Во многу други земји се забрзуваат нештата. Многу африкански земји увезоа големи количини соларна енергија. Електричните возила сега почнуваат да се купуваат на места каде што никој не очекуваше пробивање на електрични возила минатата година, или дури ни во оваа деценија - истакна главниот автор на извештајот, Лаури Миливирта.
Додаде дека растот на вложувањата во чиста енергија во Кина е добра вест.
Ако најголемиот светски емитувач на стакленички гасови продолжи со ова темпо да ги напушта фосилните горива, наскоро ќе (или можеби веќе успеал) го достигне врвот на емисиите на јаглерод, што би означило глобален пресврт.
Но, тоа сè уште не е загарантирано. Кинеската индустрија на јаглен и понатаму е силна политичка сила и ќе ја оспорува брзината на транзицијата. Лани инвеститорите поднеле предлози за изградба на вкупно 161 GW нови термоелектрани на јаглен, а има уште во подготовка. Насоката на енергетскиот сектор во земјата треба да стане појасна следниот месец, кога се очекува тамошните власти да го претстават новиот петгодишен план.
Извор:
Forbes
Фото: Freepik