Го мразите своето работно место? Еден од најсреќните градови во светот бара токму такви луѓе и им нуди шанса за подобар живот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога размислуваме за идеално место за живеење, најчесто замислуваме град што нуди рамнотежа меѓу работата и приватното време, безбедна средина, добра инфраструктура и доволно простор за опуштање. Токму таква репутација има данската престолнина Копенхаген, која редовно се наоѓа на врвот на светските листи според квалитетот на животот. Градот често е прогласуван за еден од најсреќните и најпријатни за живеење, а сега отиде и чекор понатаму во желбата да привлече нови жители.
Кампања насочена кон луѓе што се незадоволни од својата работа
Започната е нова кампања насочена кон луѓе кои не се задоволни од својата работа и секојдневие. Целта е да се претстават можностите што ги нуди животот во Копенхаген и да се поттикнат оние што искусиле согорување на работа или едноставно сакаат промена.
Ова не е првпат Копенхаген да се обидува да привлече нови жители со иновативни идеи. Една од претходните иницијативи беше своевидно осигурување за квалитет на живот, симболично ветување дека преселбата во тој дел од Данска ќе ја зголеми личната среќа. Таквата самоувереност не е случајна бидејќи градот со години вложува во одржливост, работни услови и општествен стандард.
Потребно е да се пријавите заедно со пријател
Најновиот проект се вика „Френд рикрутер програма“ и веќе од самото име е јасно дека се темели на пријателството. За да учествувате, потребно е да се пријавите заедно со пријател. По регистрацијата и двајцата добивате е-порака, а потоа доволно е да го поттикнете пријателот да ја пребара веб-страницата со понуди за работа. Со тоа автоматски станувате т.н. „регрутер на пријатели“.
Важно е да се нагласи дека програмата не значи моментално преселување, ниту гарантира вработување. Нејзината цел е да обезбеди увид во деловните можности и начинот на живот што би можел да ги привлече оние што посакуваат промена.
Дури и ако на крајот не аплицирате за ниту една работа, со учеството влегувате во наградна игра. По завршувањето на кампањата ќе бидат избрани пет пара што ќе освојат патување во Копенхаген и од прва рака ќе ја доживеат атмосферата на градот.
Еден од најсреќните градови во светот
Организаторите мислеле и на оние што тешко ги убедуваат пријателите на ваков чекор, па подготвиле неколку духовити пораки со кои може да се обидете да ги наговорите. Ако ни тоа не помогне, велат, Копенхаген „се продава“ сам од себе. Градот е познат по врвни ресторани, жива културна сцена, одличен ноќен живот и богата музејска понуда, а има и музеј посветен на среќата.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik