Анастасија Мојсовска, државен шампион и рекордер во дисциплината 10 м воздушна пушка: „Се борам секој истрел да биде подобар од претходниот“

Анастасија Мојсовска, државен шампион и рекордер во дисциплината 10 м воздушна пушка: „Се борам секој истрел да биде подобар од претходниот“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нејзиниот резултат се смета за најдобар во историјата на македонското стрелаштво во дисциплината воздушна пушка

Анастасија Мојсовска е повеќекратен шампион на Македонија, а воедно и рекордер во нашата земја, со одлични резултати на меѓународните натпревари. Таа е член на стрелачкиот клуб „Стрелец“ од Скопје.

Минатата година, на 49. меѓународен натпревар „Трофеј на младоста“ во спортско стрелаштво во Загреб, Хрватска, настапија и стрелците од државната репрезентација на Македонија во повеќе дисциплини и постигнаа извонредни резултати. Најуспешна беше Анастасија Мојсовска, која во квалификациите го освои 2. место и постигна брилијантен резултат од 631,1 кругови (104.9 104.5 105.9 104.4 106.1 105.3), резултат кој е личен и државен рекорд и воедно најдобар во историјата на македонското стрелаштво во дисциплината воздушна пушка.



Како што пишуваат од Македонската спортска стрелачка федерација, овој резултат од 631,1 кругови ветува сигурен влез во финале на кој било натпревар во светот и увертира за започнување на Олимпискиот квалификациски период во 2026 година.

- Овој резултат е показател дека можеме да се мериме со кој било во светот. Иако таа има само 23 години, им парира на сите најдобри светски сениорки. Анастасија Мојсовска е потенцијален кандидат во спортско стрелаштво за учество на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 и сигурно чекори заедно со својот тренер Јордан Тасевски, со кој ќе се обиде да донесе европски или светски медал - пишуваат од Македонската спортска стрелачка федерација.



Конкуренцијата е голема

Анастасија настапи на Олимписките игри во Париз во дисциплината воздушна пушка 60 истрели, а нејзината кариера е на самиот почеток. Вели дека отсекогаш била спортско дете.

- Експериментирав со различни спортови сѐ додека не се пронајдов во стрелаштвото. Со тренинзи почнав во 2016 год., а веќе од 2019 почнав да се натпреварувам и на меѓународно ниво. Јас сум повеќекратен државен шампион и рекордер во дисциплина 10 м воздушна пушка жени, а исто така сум олимпијка од ОИ во Париз, Франција 2024. Вредно е да се напомене дека бев дел и од Европските игри во Краков, Полска, 2023 год., како и од Медитеранските игри во Оран, Алжир, 2022 год., а зад себе имам повеќе европски и светски првенства, како и светски и меѓународни купови - споделува Анастасија.



Настапот на „Трофеј на младоста“ во Загреб ѝ донесе личен и државен рекорд. А во тоа ѝ помогнаа техничката подготвеност, психолошката стабилност, искуството од големите натпревари...

- Во квалификациите добро се изборив, но во финалето се започнува од 0. Можеби недостигот на учество во финалиња беше клучен, секако, и притисокот и желбата за повторен успех кои беа присутни во целото финале. Тоа беше незаборавен момент. Од стартот на натпреварот се носев добро, секој истрел беше добро изработен и прецизен, чувството беше добро, а јас бев толку сконцентрирана, што за резултатот не бев ни свесна сѐ до последниот момент пред завршување на натпреварот. Јас се борам секој истрел да биде подобар од претходниот, секој натпревар подобар од изминатиот, а особено ми е важно да поставувам високи резултати на меѓународно ниво. Бидејќи во спортското стрелаштво во последните години многу се вложува, добивме прекрасно ново опремено стрелиште по сите стандарди, имаме нови опреми и оружје, чувството е прекрасно кога ќе го видиш твоето име на листата за финале, а особено во горната половина или на второто место како во мојот случај. Сето она што се вложува на крај дава плод, и целата работа и труд што сум го вложила јас, мојот тренер Јордан Тасевски, клубот ,,Стрелец“ од Скопје и Македонската спортска стрелачка федерација на вакви натпревари го дава својот резултат. Конкуренцијата е голема, но ние може да се бориме со сите стрелци - ни изјави Анастасија.



Целите ѝ се поставени високо, но не се недостижни

Таа има 23 години, а веќе рамноправно се натпреварува со најдобрите светски сениорки. Вели дека ова е само навестување на нешто поголемо и борба за уште подобри резултати и пласмани.

- Со сериозни натпревари почнав на 17 години, па најголемиот напредок го гледам прво кај себе, низ годините и натпреварите јас растев и се развивав во личност каква што сум сега, карактерно пораснав и созреав, со мене ги носам очекувањата, желбите и соништата, притисокот, разочарувањата, неуспешните обиди, откажувања за нови почетоци. Целиот тој раст се отсликува и во мојата стрелачка кариера, но сите тие промени низ кои поминав ја градат мојата самодоверба, сталоженост и решителност. Стрелаштвото не е спорт каде што видливо се искажуваат емоциите, напротив, ние стрелците мора целосно да владееме и да ги имаме под контрола нашето тело и нашиот ум - вели Анастасија.



Нејзиниот резултат се смета за најдобар во историјата на македонското стрелаштво во дисциплината воздушна пушка.

- За мене, тоа претставува уште едно поместување на границите, мотивација и за мене и другите стрелци да се стремиме да го надминеме и овој резултат, да поставуваме нови рекорди, да се развиваме во уште подобри стрелци и натпреварувачи. Во наредниот период целта е освојување на А норма за претстојната олимпијада во Лос Анџелес 2028. Оваа година почнува квалификацискиот период, па стремежот е кон сѐ повисоки резултати и подобри пласмани на европско и на светско ниво. Целам кон уште многу натпревари, финалиња, рекорди и медали - истакнува нашата соговорничка.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.