Дали знаете што претставува „Бриџертон ефектот“?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Нежните мажи отсекогаш постоеле, но популарната култура долго време се однесуваше како тие да не се особено привлечни. Во првите две децении на 21 век романсата често се сведуваше на емоционална игра на брканица, во која наградата беше маж кој конечно ќе одговори на порака со цела реченица.
Изговорот „тој е комплициран“ требаше да сугерира длабочина, а реченицата „лош е кон сите“ често се оправдуваше со тешки животни околности. Така, речиси целата емоционална работа им беше препуштена на жените, а тоа им се претставуваше како нешто романтично. А потоа се појави серијата „Бриџертон“ и донекаде ги промени правилата на игра.
Машките протагонисти во серијата и понатаму прават грешки, се двоумат и самите си стојат на патот. Но истовремено гледаат во личноста што ја сакаат и се однесуваат како чувствата да не се нешто од кое треба да се срамат. На многу гледачи тоа им се виде неверојатно привлечно. Вниманието му прилега на мажот. Копнежот му прилега на мажот. Искреното извинување, без притисок или присила, исто така му прилега.
Емоционална писменост наместо глумење недостапност
Серијата во прв план ги става романтичните јунаци кои се присутни и емоционално писмени. Лори Биндиг Јусман, професорка по комуникологија на Универзитетот „Сејкред харт“, вели дека „Бриџертон“ промовира мажи кои знаат емоционално да се изразат, внимателни се и вклучени во внатрешниот живот на своите партнерки.
Иако ваквиот опис изгледа како нешто основно, со години ваквиот тип се сметаше за симпатичен, но малку досаден.
Зошто романтичниот маж повторно е посакуван?
Поширокиот општествен контекст помага да се објасни зошто ваквата фантазија денес е толку привлечна. Клиничкиот психолог Сабрина Романоф објаснува дека емоционално воздржаниот машки лик денес изгледа помалку возбудливо, а повеќе исцрпувачки.
Многумина веќе се уморни од работата, апликациите за запознавање, политиката и од општото чувство на несигурност. Последното што некој го посакува е романтична фантазија што потсетува на разговор со ѕид.
Веб-страницата „Dating.com“ ги анализирала податоците од „Гугл трендс“ и утврдила дека пребарувањата за „моето момче не е романтично“ и „мојот маж не е романтичен“ нагло пораснале по враќањето на серијата „Бриџертон“. Истиот извор наведува дека 36 отсто од Американките изјавиле дека попрво би излегувале со некого од култура која поттикнува отворено покажување на емоциите.
Нежните мажи не се новост
Новинарката Кетрин Бродски ја опиша серијата „Бриџертон“ како некаков вид ново поставување стандарди за машкоста во романтичните приказни и ја сумираше основната привлечност на феноменот.
Нежните мажи не се новост. Пред сè, тие се реакција на години романтични сценарија во кои емоционалната дистанца погрешно се изедначуваше со длабочина. Мажот кој е присутен, кој комуницира и кој искрено ја сака личноста со која е во врска никогаш не би требало да изгледа како револуционерна појава.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/Youtube