Една европска земја има нов закон - оставaњето мачка без надзор е казниво дело
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Многу сопственици мислат дека мачките се домашни миленици кои не бараат посебна грижа, но во една европска земја занемарувањето на мачката во текот на денот може да доведе до сериозни последици.
Во Шведска, оставањето животно без надзор подолго време може да се смета за занемарување и да резултира со парични казни.
Насоки од шведскиот Одбор за земјоделство
Насоките јасно ги дефинираат основните обврски на сопствениците. Во нив се наведува дека вашата мачка треба да ја проверувате најмалку двапати дневно.
Од одборот додаваат дека новородените, болните или повредените мачки треба да се проверуваат почесто, а истото важи и за мачки кои се однесуваат необично, како и за мачки кои се породуваат.
Правилото важи и за мачки кои излегуваат надвор: насоките експлицитно наведуваат дека таквите мачки и мачките што престојуваат во штали, исто така, зависат од грижата и вниманието на својот сопственик.
Строги казни за занемарување
Доколку се утврди кршење на правилата, сопственикот најпрво се задолжува да ги поправи недостатоците. Ако не го направи тоа, следува парична казна, но последиците можат да бидат и потешки.
Според пропишаното, прекршителите можат да добијат парична казна или казна затвор до најмногу две години доколку судот утврди дека го прекршиле законот за благосостојба на животните.
Ако се докаже дека сопственикот намерно или поради груба невнимателност предизвикал страдање на животното, може да биде осуден за суровост кон животните, со казна од најмалку шест месеци до најмногу четири години затвор.
При повторени или особено сериозни прекршоци може да се изрече и забрана за чување животни, со што лицето трајно се лишува од можноста да се грижи за кое било животно.
Повеќе од брза проверка
Шведските прописи ја нагласуваат разликата помеѓу проверка и брз поглед. Сопственикот мора да се осигури дека животното секогаш има слободен пристап до вода за пиење. Ова е особено важно во зимските месеци.
- Ако вашата мачка е целосно или делумно надвор кога температурата е под нулата, треба да се погрижите да може да пие доволно вода. Во тој случај, треба да ѝ обезбедите вода најмалку двапати дневно - пишува во насоките.
Прописите се однесуваат и на просторот во кој престојува мачката: од сопственикот се очекува да обезбеди удобно опкружување со можност за искачување, гребење и острење на канџите и место за криење.
За мачките кои постојано се внатре, правилата дополнително нагласуваат дека благосостојбата на животното не значи само дека треба да е нахрането.
- За мачките што се секогаш внатре е особено важно да бидат активни или да им се овозможи некаква друга форма на забава - стои во инструкциите.
Се додава дека треба ментално да се стимулираат и да им се овозможи да ги задоволат своите природни потреби за барање храна и лов.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik