Најапсурдните забрани што ги имале жените порано

Најапсурдните забрани што ги имале жените порано

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога денес зборуваме за рамноправноста на жените, често забораваме дека многу работи што ги сметаме за нормални, всушност, се релативно нови. Не така одамна жените во многу држави не можеле да имаат банкарска сметка, да учествуваат на маратон или да донесуваат медицински одлуки без согласност од сопругот.

Борбата за рамноправност не започнала со инстаграм-објави за Денот на жената, туку со многу конкретни забрани кои со децении, па дури и векови, им го ограничувале животот на жените. Некои од нив денес звучат речиси неверојатно.

Маратонот бил „премногу опасен“ за жени

Долго време важело правилото дека жените не можат да трчаат маратон бидејќи се верувало дека тоа растојание е премногу напорно за женското тело. Дури во 1984 година, на Летните олимписки игри во Лос Анџелес, жените првпат добиле можност да учествуваат на олимписки маратон.

Една од жените што ја променила оваа перцепција била Кетрин Свицер, која во 1967 година го истрчала славниот Бостонски маратон и покрај обидот на организаторите физички да ја отстранат од патеката.

Денес маратони трчаат стотици илјади жени низ светот, но таа можност постои во последните неколку децении.

Банкарска сметка без сопруг? Некогаш било невозможно


Во САД, до 70-тите години жените не можеле самостојно да добијат кредит или да отворат банкарска сметка без сопругот или таткото.

Ситуацијата се променила по донесувањето на законот за еднакви можности при добивање кредит, кој забранил дискриминација врз основа на пол при одобрување кредити.

Со други зборови, дури од 1974 година жените во САД формално го добиле правото самостојно да носат финансиски одлуки.

Универзитети што не примале жени

Еден од најпознатите универзитети во светот, „Харвард“, со децении не примал студентки во своите програми. Жените можеле да се образоваат само преку поврзаниот колеџ „Редклиф“.

Дури во 1977 година „Харвард“ и „Редклиф“ формално ги обединиле програмите, со што жените добиле целосен пристап до образованието на универзитетот. За институција која денес се смета за симбол на академската елита, оваа информација изгледа прилично неверојатна.

Лекарите носеле одлуки наместо жените

Уште во 70-тите години во многу западни земји жените не можеле самостојно да донесуваат одредени медицински одлуки, особено кога станувало збор за репродуктивното здравје.

Во некои болници било потребно одобрение од сопругот за процедури како стерилизација или дури за добивање контрацепција.

Оваа практика почнала да се менува по пресудата на Рои Вејд, која отвори поширока дебата за репродуктивните права на жените.

Некои професии биле забранета зона

До средината на 20 век жените биле формално или неформално исклучени од многу професии, од пилотирање до правосудство. Првата жена што самостојно го прелетала Атлантскиот Океан, Амелија Ерхарт, морала да се бори со многу стереотипи бидејќи авијацијата се сметала за машка професија.

Слична ситуација постоела и во науката, каде што многу жени работеле во лаборатории, но признанијата за откритијата често ги добивале нивните машки колеги.

Она што денес изгледа нормално некогаш било борба

Денес лесно се заборава дека многу работи што ги сметаме за секојдневни: правото на образование, спорт, финансиска независност или професионален развој, се резултат на долги општествени промени.

Затоа, Меѓународниот ден на жената не е само ден на цвеќе и честитки, туку и потсетник колку се променило општеството и дека тие промени често започнувале со мали, но упорни поместувања на границите.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Freepik