Платил 14.000 долари за авионска карта, еве што добил за тие пари

Платил 14.000 долари за авионска карта, еве што добил за тие пари

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нова смисла на терминот „уникатно патничко искуство“ му даде инфлуенсер кој издвои неверојатни 14.000 долари за да лета во еден од првокласните апартмани на авиокомпанијата „Сингапур ерлајнс“.

Своето луксузно патување, кое вклучува раскошен кревет и гастрономска понуда од највисок квалитет, го снимил и го објавил на „Јутјуб“, а досега видеото собрало импресивни 10 милиони прегледи.

Инфлуенсерот е роден во Канада, но живее во Дубаи и се занимава со маркетинг, додека слободното време го посветува на создавање патописна содржина. Тој нагласил дека картата ја платил во готово, без помош од поминати километри или поени.

- Без сомнение тоа беше најскапата карта што некогаш сум ја купил - вели инфлуенсерот.

 

Како што е прикажано во видеото, патувањето започнало кога стјуардеса го придружила до скалите што водат до неговиот приватен апартман со лизгачка врата. Набргу потоа друга стјуардеса му понудила разновидни пијалаци, му дала луксузни пижами, ексклузивен сет за нега на кожа и бесплатни слушалки од брендот „Бенг & Олуфсен“.

Инфлуенсерот потоа избрал раскошен оброк, придружен со чаша шампањ во вредност од околу 400 долари. Посебно го истакнал тоалетот, опишувајќи го како спа-центар со пет ѕвезди, додека креветот го опишува како вистински кревет со луксузна постелнина и удобни перници и јоргани, а не само седиште што се навалува.

И покрај прикажаниот луксуз, многу гледачи сметале дека искуството не вреди за вложените пари.

- 14.000 долари за авионска карта, тоа е надвор од секоја логика - искоментирал еден корисник, додека друг напишал дека за таа цена би украл сè, дури и телевизорот.

Извор: Euronews.rs
Фото: Screenshot/Youtube