Најреалистичната дигитална реконструкција на „Титаник“ досега: Откриени нови детали за последните часови

Најреалистичната дигитална реконструкција на „Титаник“ досега: Откриени нови детали за последните часови

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Извонредно деталната 3Д-снимка од остатоците на „Титаник“ овозможи најјасен увид во последните часови на легендарниот брод, кој потонал во 1912 година откако удрил во санта мраз.

Во трагедијата загинале повеќе од 1.500 луѓе.

Дигиталната реплика во природна големина открива со каква сила бродот се преполовил и потонал, а посебно внимание кај експертите предизвика просторот на котларницата, кој досега не бил достапен за јавноста. Снимката потврдува дел од сведоштвата на преживеаните - дека инженерите до последниот момент работеле за да ги одржат светилките на бродот вклучени.

Благодарение на компјутерската симулација, научниците дошле до нови сознанија: се чини дека серија отвори на трупот на бродот со големина на лист хартија биле доволни да предизвикаат катастрофа од епски размери.

- „Титаник“ е последниот преостанат сведок на таа трагедија и сè уште има што да ни раскаже - вели Паркс Стивенсон, еден од водечките истражувачи на „Титаник“.

Снимката е создадена како дел од документарниот проект „Титаник: Дигитално воскреснување“, направен од „Нешнл џиографик“ и „Атлантик продакшнс“.

Остатоците, кои се наоѓаат на длабочина од речиси 4.000 метри во Атлантскиот Океан, се снимени со подводни роботи, а за изработка на дигиталниот модел биле користени повеќе од 700.000 фотографии од сите можни агли.

Додека претходните истражувања нудеа само делумни погледи кон остатоците, оваа снимка првпат овозможува целосна слика на „Титаник“. Носот на бродот сè уште стои исправено на морското дно, како да е подготвен да продолжи со патувањето. Но, 600 метри подалеку се наоѓа изобличен челик што е последица од силниот удар во морското дно откако бродот се преполовил.

 

- Како да истражувате место на злосторство. Само целосната слика може да ни помогне вистински да разбереме што се случило таа ноќ - вели Стивенсон.

Хероите од котларницата и отворениот вентил


Еден од најинтересните делови од новата снимка е погледот во големата котларница, сместена во задниот дел на носот, токму на местото каде што се случило преполовувањето на бродот.

Котлите изгледаат вдлабнато, што укажува дека сè уште работеле кога водата навлегла во бродот.

На палубата бил пронајден и отворен вентил, што сугерира дека пареата сè уште струела кон електричните генератори, за што заслужни биле инженерите кои до последниот здив ги полнеле печките за светилките да останат вклучени.

- Овие луѓе ги одржувале светилките и системите доволно долго за екипажот да може да ги спушти чамците за спасување. Го одолжувале хаосот колку што можеле - вели Стивенсон и додава дека тој отворен вентил е симбол на нивната жртва.

Сите загинале, но нивната пожртвуваност веројатно спасила стотици животи.

Клучните оштетувања биле помали отколку што се мислело

Новата компјутерска симулација, базирана на оригиналните цртежи на „Титаник“, комбинирала податоци за брзината, правецот и положбата на бродот за да се реконструира точниот редослед на настаните по ударот во сантата мраз.

- Користевме најсовремени алгоритми, компјутерски модели и суперкомпјутери за да дојдеме до овие сознанија - вели професорот Џеом-Ки Паик од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој го водел истражувањето.

Симулацијата покажала дека „Титаник“ не удрил директно во сантата, туку минал покрај неа, но тоа било доволно да се создадат низа мали пукнатини по должината на трупот.

- Разликата помеѓу тоа „Титаник“ да потоне или да преживее била во отвори со големина на хартија. Но, тие биле распоредени по должината на дел од бродот и водата полека, но сигурно навлегувала во сите прегради - објаснува Сајмон Бенсон, предавач по бродоградба на Универзитетот во Њукасл.

 

Долниот дел од носот не бил видлив на скеновите бидејќи е прекриен со кал, но трагите од трагедијата сè уште се присутни: лични предмети на патниците и екипажот се разнесени по морското дно.

Скенот на „Титаник“ открил многу, но експертите веруваат дека ќе им бидат потребни години за да ги анализираат сите детали.

- „Титаник“ ни ја раскажува својата приказна дел по дел. И секогаш нè остава желни за што е можно повеќе детали - вели Стивенсон.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube