Германија се соочува со незамислива ситуација - ќе ѝ требаат по околу 400.000 странски работници секоја година

Германија се соочува со незамислива ситуација - ќе ѝ требаат по околу 400.000 странски работници секоја година

На Германија ѝ требаат нови работници од странство, па затоа е покрената нова иницијатива во која се вклучени и германски компании, а се нуди и трансфер на знаење.

Гвидо Зајфен, директор на компанијата „Омексом Хохспанунг“, вели дека е сè потешко да се најдат стручни работници за големите далноводи што неговата компанија ги гради низ Германија. Работата значи да се биде со недели далеку од семејството и домот, па тоа ги одбива кандидатите.

Тој се надева дека преку германско-виетнамскиот развоен проект ќе најде нови работници. Виетнам преминува на обновливи извори на енергија, а во тоа му помага Германската организација за меѓународна соработка. Најпотребни се монтери на далноводи, па виетнамскиот електродистрибутер ЕВН отвори центар за обука.

„Омексом“ сака да се вклучи со своето искуство и знаење, пишува „Дојче веле“. Компанијата сака во Германија да обучи инструктори од ЕВН за и тие во Виетнам да можат да работат според германските стандарди и да добиваат потврди од Германската индустриска и стопанска комора. Во тој центар Германската организација за меѓународна соработка организира и курсеви по германски јазик.

Перспектива и во Германија и во татковината

Целта е да се оспособат доволно монтери за да може на приближно половината да им се понуди работа во Германија - до околу 200 луѓе, вели Зајфен, кој тоа го нарекува „вин-вин ситуација“. Со тоа што виетнамските кандидати имаат можност да заминат на работа во Германија, ЕВН верува дека може да ја направи таа професија многу повредна и попривлечна.

Германската влада сака да поттикнува проекти кои истовремено привлекуваат квалификувани работници и ги унапредуваат образовните системи во нивните земји. Министерството за економска соработка и развој со години им помага на државите од Југот во стручното образование, а сега сака во тоа посилно да ги вклучи германските компании. Новата иницијатива се нарекува „Стопанство и развојна политика за праведен пристап до стручни работници“.

Министерката за развој Рим Алабали‑Радован предупреди на забрзаното стареење на Германија: повеќе од една петтина од вработените се постари од 55 години и во следните десет години ќе заминат во пензија. Демографите проценуваат дека на Германија секоја година ќе ѝ требаат по околу 400.000 странски работници. За да се постигне тоа, би требало да доаѓаат околу 1,6 милиони луѓе годишно.



Илузија за совршениот мигрант кој ја обожава Германија

Станува сè поважно привлекувањето луѓе од азиските, африканските и латиноамериканските земји бидејќи тие земји имаат младо и често добро образовано население. Многу млади бараат можности во странство, а нивните влади сакаат јасни и сигурни патишта за работна миграција. Правилата мора да бидат транспарентни, да вклучуваат информации за работните услови и платите, а програмите за обука треба да важат и во Германија и во земјите од каде што доаѓаат работниците. Трошоците и ризиците треба да бидат поделени, а работниците мора да го платат и трошокот за преселба и за усовршување.

Во иницијативата се вклучени и стопански здруженија, синдикати и мигрантски организации. Нивната задача е да помогнат во подготовката и интеграцијата на работниците. Компаниите, меѓутоа, често имаат нереални очекувања. Едит Отиенде‑Лавани, Кенијка која води консултантска компанија во Минхен, предупредува дека компаниите понекогаш очекуваат „готов производ“ кој може веднаш да работи. „Замислуваат дека ќе дојдат луѓе кои знаат германски, брзо се вклопуваат, отпорни се и воодушевени од Германија. А тоа не е реалноста“.

Доаѓаат луѓе кои се едноставно - поинакви


Советникот Герхард Хајн додава дека проблемите се јавуваат поради различните културни средини. „Не се работи за тоа дали реченицата е граматички точна, туку за тоа дека комуникацијата и односите меѓу шефовите и вработените во Германија се поинакви. Во секојдневието се појавуваат пречки кои новодојдените тешко ги совладуваат. „Треба да се биде свесен дека доаѓаат луѓе кои во 80 проценти од случаите функционираат поинаку отколку Германците“.

Проблемот е и во главите на Германците


Претприемачката Јасмин Арабиан‑Фогел, која во Хановер води здравствен и социјален центар со 250 вработени, вели дека клучот е во тоа како Германија се однесува кон дојденците. „Сè уште сме привлечни за странските работници, но дали ќе продолжи така, ќе зависи од тоа како постапуваме со луѓето што се веќе овде“. Според нејзиното мислење, на Германија ѝ треба сосема поинаков политички и општествен начин на размислување за доселувањето - во спротивно оваа иницијатива нема да успее.

Извор: jutarnji.hr
Фото: freepik