Холандски научници тренираат пчели за да го „намирисаат“ коронавирусот

Холандски научници тренираат пчели за да го „намирисаат“ коронавирусот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Холандски научници ги научиле пчелите, кои имаат добро чувство за мирис, да откриваат заразени со ковид-19. Ова достигнување може да го скрати времето за добивање резултати од тестови за коронавирус.

За обука на пчелите, научниците од биоветеринарната лабораторија за истражување на Универзитетот „Вагенинген“ ги наградиле овие инсекти со засладена вода откако им покажале примероци заразени со коронавирус. Ако им се покажеле незаразени примероци, пчелите не добивале ништо.

Водачот на проектот, Вим ван дер Поел, професор по вирусологија, вели дека пчелите биле нормални медоносни, кои штом еднаш се навикнале на овој систем, го исползувале јазикот за да ја добијат наградата, што станало индикација дека примерокот е заразен.

Добивањето резултати по тестирањето за ковид-19 обично трае со часови, а пчелите веднаш откриваат заразени примероци. Овој метод е исто така евтин, па затоа може да се користи во земји каде што тестовите се ретки. Но, Дирк де Граф, професор кој проучува пчели и други инсекти на Универзитетот „Гент“ во Белгија, верува дека оваа техника нема да ги замени конвенционалните форми на тестирање за ковид-19 во блиска иднина.

- Ова е добра идеја, но подобро би било да се извршуваат тестови со класични дијагностички алатки наместо со пчели. Јас сум голем обожавател на пчелите, но повеќе би ги користел за други цели отколку за откривање ковид-19 - вели тој.

Техниката што научниците ја користеле била користена од министерството за одбрана на САД во 90-тите години за да пронајдат експлозиви и токсини. Биле користени пчели и оси за безбедносни цели, откривање експлозиви, но и за медицинска дијагностика. Досега малку се знае за методот за да се зборува за неговата ефикасност, смета професор од Белгија, иако ја поддржува опцијата пчелите да даваат индикација за инфекција кога не се достапни ПЦР-тестови.

Извор: Reuters
Фото: Freepik