Математичар кој е смирен, фер и ненаметлив - Кој е новиот папа Лав XIV?

Математичар кој е смирен, фер и ненаметлив - Кој е новиот папа Лав XIV?

Подготвил: Маја Пероска

По дводневна конклава, вчера попладне од оџакот на Систинската капела излезе бел чад. Кардиналите го избраа 267. поглавар на Римокатоличката црква во петтиот круг гласање. Избран е наследник на папата Франциск, кој почина на 21 април по 12 години поминати на позицијата. Името на папата беше објавено со традиционалната изрека „Habemus Papam“ (имаме папа) од кардиналот протоѓакон Доминик Мамберти. Новиот папа е Американецот Роберт Френсис Превост, роден на 14 септември 1955 година во Чикаго, САД. Тој го избра името Лав XIV.

Откако папата се нашол во таканаречената „соба на солзите“, тој ги облекол папските мантии и се подготвил да излезе на балконот од базиликата „Свети Петар“, каде што го дал апостолскиот благослов „Urbi et Orbi“. 

Во својот говор пред огромната толпа луѓе во Ватикан тој изрази благодарност, понизност и повикал на единство и мир во светот.

Со своите први зборови како папа, Лав XIV се обрати на толпата пред „Свети Петар“:

-Мир со сите вас. Тоа е првиот поздрав на воскреснатиот Христос, добриот пастир кој го даде својот живот за Бога. И би сакал овој поздрав на мирот да влезе во нашите срца и во нашите семејства.

Математички ум


Папата Лав XIV поголемиот дел од својата служба го поминал како свештеник и епископ во Перу. Пред две години бил назначен за префект на Дикастеријата за епископи, каде што одиграл клучна улога во назначувањето епископи низ целиот свет.

Роберт Франсис Превост се стекнал со диплома по математика, а потоа и со магистратура по теологија во Чикаго. Во Рим, тој го завршил својот лиценциран и докторски степен по канонско право на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“.

-Тој е некој кој, иако доаѓа од Запад, би бил многу внимателен кон потребите на глобалната црква. Ова е лице кое повеќе од половина од својата црковна кариера ја поминало во странство како мисионер во Перу – изјавила Елиз Ален, аналитичарка од Ватикан.

Мирен и ненаметлив

Ален додала дека во ватиканските кругови се смета за соодветен лидер, бидејќи „успева да ги заврши работите без нужно да биде авторитарен во начинот на кој ги прави“.


-Превост се смета за исклучителен лидер. Тој е поставен на лидерски позиции уште од многу рана возраст. Тој се смета за смирен и избалансиран, фер и многу јасен во врска со тоа што мисли дека треба да се направи…но, не е премногу наметлив во обидот да се заврши тоа – заклучила таа.

Извор: gloria.hr

Фото: YouTube screenshot