Зошто во последните години коефициентот на интелигенција е во опаѓање?

Зошто во последните години коефициентот на интелигенција е во опаѓање?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во текот на речиси целиот 20 век научниците бележеле континуиран раст на резултатите од тестовите за интелигенција. Овој феномен е познат како Флинов ефект. Просечниот коефициент на интелигенција (IQ) растел за околу три поени по деценија, што се припишувало на подобрувања во исхраната, образованието, здравствената грижа и стимулативната околина.

Но, овој тренд веќе не е постојан. Последниве неколку децении сè повеќе истражувања укажуваат на тоа дека Флиновиот ефект е во застој, а во некои земји дури се забележува и намалување на резултатите.

Една од најсеопфатните студии за овој феномен била спроведена во Норвешка, каде што научниците анализирале податоци од над 730.000 мажи што служеле војска меѓу 70-тите години и 2009 година. Резултатите покажале дека коефициентот на интелигенција растел до средината на 90-тите, по што почнал континуирано да паѓа. Истражувачите утврдиле дека падот не може да се објасни со генетски промени, туку со влијанија од животната средина и воспитувањето.

Слични трендови се забележани и во Данска, Финска, Франција и Велика Британија. Истражување објавено во списанието „Интелиџенс“ укажува на намалување на резултатите во различни когнитивни области од 90-тите години наваму.

Потврда од ПИСА-тестовите


Дополнителен извор на податоци што го потврдува овој пад се ПИСА-тестирањата на ОЕЦД, кои се спроведуваат секои три години меѓу 15-годишни ученици во светот. Последниот циклус од 2022 година забележал пад на резултатите во математика, читање и природни науки во многу развиени земји, вклучувајќи ги Германија, Франција, Исланд и Словенија.

Причините се поврзуваат со последиците од пандемијата, загубите во наставата и образовните реформи кои, според некои извештаи, го потиснале длабинското и аналитичко учење во полза на поповршни, „флексибилни“ методи.

Слични резултати се забележуваат и во САД, преку тестовите САТ и AКT, како и преку воените тестирања. Министерството за одбрана на САД во најновиот извештај укажува на намалување на бројот на кандидати што ги задоволуваат основните когнитивни критериуми за служба во армијата.

Што стои зад понискиот коефициент на интелигенција?


Повеќе фактори би можеле да влијаат врз овој тренд. Иако ниту еден не е доволен сам по себе, нивната комбинација нуди можни објаснувања:

Образовни промени - фокус на т.н. „меки вештини“ и групна работа за сметка на аналитичко размислување;

Екрани - постојано изложување на екрани и мултитаскинг ја намалуваат способноста за концентрација;

Намалено читање книги - сè помалку млади редовно читаат подолги текстови;

Сиромашна средина во детството - помалку игра и контакт со природа, што влијае врз когнитивниот развој;

Недостиг на сон, неправилна исхрана и хроничен стрес – што негативно се одразуваат врз мозочната функција.

Дали интелигенцијата навистина опаѓа?


Некои експерти сметаат дека не станува збор за опаѓање на интелигенцијата, туку за промена на нејзината структура. Стандардните IQ тестови сè уште главно мерат логичка и академска интелигенција, но не ги опфаќаат вештините како дигитална писменост, способност за паралелна обработка на информации или социјална приспособливост.

Дел од когнитивните вештини што денес се бараат, како брзо менување на внимание, мултитаскинг и снаоѓање во дигитална средина, не се регистрираат со класичните тестирања.

Дали губиме нешто вредно?


Иако не може со сигурност да се каже дека луѓето стануваат помалку интелигентни, се чини дека сè повеќе губат способности кои порано биле клучни, како фокусирано размислување, долгорочно планирање и решавање апстрактни проблеми.

Од друга страна, се засилуваат други способности: приспособливост, визуелно-просторна ориентација, брза реакција и технолошка вештина.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik