„Рома рок скул“ им дава бесплатни часови по музика на деца од економски загрозени семејства

„Рома рок скул“ им дава бесплатни часови по музика на деца од економски загрозени семејства

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Морам првин да кажам дека Здружението не е само за Роми. Тоа може да се констатира и по самиот назив на Здружението. Музичкото образование не само за Ромите, туку за сите е бесплатно, без разлика на етничката припадност, вели Алвин Салимовски

Поттикнат од љубовта кон рок-музиката и желбата овој правец да им го доближи на младите, Алвин Салимовски во 2017 година го основал Здружението за мултиетничко музичко образование „Рома рок скул“, кое нуди бесплатни часови по музика за деца од економски загрозени семејства. Училиштето не е наменето само за припадници на ромската заедница, туку е бесплатно за сите, без разлика на етничката припадност. Алвин, кој е директор на ООУ „Браќа Рамиз-Хамид“, вели дека оваа хуманитарна идеја е поттикната од општо познатата и специфична финансиска положба на Ромите во нашето општество.

 

- Морам првин да кажам дека Здружението не е само за Роми. Тоа може да се констатира и по самиот назив на Здружението. Музичкото образование, не само за Ромите, туку за сите е бесплатно, без разлика на етничката припадност. Тоа е и нашата цел затоа што сум убеден и цврсто верувам дека музиката е една од најмоќните алатки за рушење на предрасудите, дискриминацијата и стереотипите кон која било заедница. Кога вежбаме/музицираме, не размислуваме за другиот дали е Ром, Албанец, Македонец или Турчин. Тоа воопшто не е важно - вели Алвин.


Децата учат да свират на инструмент, но и теорија на музика


Ромскиот мелос досега се користел во џезот и во блузот, како и во други жанрови, но никогаш не бил користен и применет во модерниот хард-рок, хеви-металот и хард-корот. „Рома рок скул“ го прави токму тоа. Ова училиште, покрај изучувањето инструмент, нуди и часови по теорија на музика, со цел овие деца да бидат потковани за евентуален упис во средно музичко училиште, доколку тоа им е желбата.

- Имено, за упис во средно музичко или на факултет се полагаат два приемни предмети: солфеж и инструмент. Солфежот не можат да го положат затоа што претходно немале можност да го изучуваат овој предмет и најчесто се случува да не го положат приемниот испит, бидејќи не знаат да читаат ноти. Токму поради тоа, во „Рома рок кул“, теорија на музика и солфеж се задолжителни предмети, а музичкото образование е бесплатно за деца од економски загрозени семејства. Покрај часовите, формираме бендови и организираме бенд-секции. Исто така, учениците имаат можност да посетуваат работилници кои ги одржуваат професори и студенти од Факултетот за музичка уметност “Fontys Rockakademie“ од Холандија - додава Алвин.



Го учиме тоа што ни се допаѓа и креираме авторска музика

Алвин го започнал првиот пилот-проект за училиштето заедно со наставникот по музичко образование Неврус Бајрам, во 2017 година, а првиот концерт на „Рома рок скул“ се одржал во декември во клубот „Маракана“. Веднаш по концертот, во 2018 г., “Musicians without Borders“ од Холандија им понудиле да бидат партнер-организација во проектот “Music Connects“, кој траел до април 2021 година, а учествувале 5 организации.

- Училиштето се наоѓа во центарот на Скопје, во близина на Градскиот парк. Таа локација е со цел учениците од Шуто Оризари да можат почесто да излегуваат надвор од своето место на живеење и да се дружат со свои врсници од другите делови на градот. Ваквите активности им помагаат на учениците полесно да се инклудираат во средини различни од нивните и да стекнат нови пријателства. Интересот за учење инструмент и учествување во бенд е голем, бидејќи не сме класично музичко училиште. Го учиме тоа што ни се допаѓа, креираме авторска музика, а тоа се докажа и од потребата да се отвори огранок на РРС во Крива Паланка - вели Алвин.



Мисијата е негување на културното, мултиетничкото разбирање


На самите почетоци на училиштето во 2017 година, на учениците им било невообичаено да свират рок-музика, но со текот на времето и следејќи ги успесите на првиот бенд што произлегол од ова училиште, “Ritual Wave”, помладите генерации ги гледаат како идоли и на тој начин ваквата музика им станала тренд. „Рома рок скул“ најавува ширење на својот капацитет со цел сè повеќе деца да можат да добијат музичко образование, и тоа бесплатно.

Алвин Салимовски

- Целта ни е да им обезбедиме можност на ромските талентирани деца и децата од други етнички групи да добијат музичко образование, да посетуваат солфеж и развивање на нивните практични и теоретски знаења во поглед на музиката. Мисијата на Здружението е негување на културното, мултиетничкото разбирање, соработка помеѓу различни етнички групи во Македонија, како и градење меѓуетничко и меѓукултурно разбирање на членовите на Здружението и пошироко - завршува Алвин.


фото: Од архивата на Roma Rock School/Рома рок скул