Хималајски села користат вештачки глечери за да имаат вода цела година
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Индискиот инженер Сонам Вангчук открил начин за чување вода во пустините на големи височини. На врвовите на Хималаите во северниот дел од Индија, кулите од мраз високи 80 метри им помагаат на локалните жители да се снабдат со вода во текот на целата година.
Ладах е регион сместен на 3 километри надморска височина и во него има приближно 200 села. Во текот на зимата температурата често се симнува и до - 30 Целзиусови степени, а нема многу дожд во текот на годината. Жителите, кои најчесто се сточари, користат вода од глечерите над нив.
Во последните години овие глечери се намалуваат поради
климатските промени. Изворите на вода од глечерите пресушуваат и пред почетокот на летото. Пред две децении пензионираниот инженер Чуанг Норпел почнал да гради вештачки глечери со пренесување на стопената вода од вистинските глечери во вештачки резервоари во близина на глечерите. Водата се замрзнувала во текот на зимата и останувала во вештачките глечери до почетокот на топлите денови, а потоа можела да се пренесе надолу кон селата за користење.
Норфел изградил над десет вакви резервоари. Сепак, тој сфатил дека ова е скапо и напорно бидејќи тие се наоѓаат на голема височина, а понекогаш водата испарувала пред да може да се користи.
Пред неколку години тој ги споделил своите проблеми со помлад човек, инженерот Сонам Вангчук. Тој направил дизајн користејќи основни физички методи што се учат во средно училиште. Заедно со група млади луѓе од регионот Вангчук направил прототип од подземни цевки кои ја пренесуваат водата од глечерите што се топат до населените региони. Цевката на крајот е свртена кон небото и водата излегува од неа слично како од фонтана, а со излегувањето таа се смрзнува и се создаваат кули од мраз.
Во летото кулите од мраз се топат и може да се користи водата без жителите да мора да се качуваат на планината до глечерите. На тој начин Вангчук успеал да ја пренесе водата од глечерите високо на планината подолу во селата.
Автор: Анџали Најар
Извор:
ted.com