За играта „Тie Dye“ небото не е граница, полека се приближува до 200 милиони преземања

За играта „Тie Dye“ небото не е граница, полека се приближува до 200 милиони преземања

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Тie Dye“ е креативна симулација на дизајнирање облека, која е едноставна по својата природа и лесно достапна и сфатлива за широката публика, особено за луѓе што не се перципираат себеси како гејмери. Неодамна надмина над 100 милиони преземања и бројката не застанува тука. Продолжува да поместува граници и да руши рекорди


„Тie Dye“ e видеоигра на македонското студио „Фјуриус авокадо“ која бележи енормни рекорди во македонското гејмерство. Надмина над 100 милиони преземања и бројката не застанува тука. Продолжува да поместува граници и да руши рекорди.

- Никогаш не помисливме на ваква бројка додека ја креиравме играта, иако по првите тестови знаевме дека има голем потенцијал. Она што ни беше битно е едноставно да се дојде до објавена игра, нешто што е достигнување само по себе - ни споделија креаторите на играта.
Марио Ампов, Дамјан Михаилов, Бобан Стојчевски, Томи Џуровски, Иво Нешковиќ и Наум Михајловски се основачите на гејминг-студиото, а засилени со Јован Матоски, воедно и креаторите на играта „Tie Dye“.



Игра за секој

„Тie Dye“ е креативна симулација на дизајнирање облека, која е едноставна по својата природа и лесно достапна и сфатлива за широката публика, особено за луѓе што не се перципираат себеси како гејмери, велат творците на „Тie Dye“.

- Играта дозволува креативно изразување кое секогаш кулминира со спектакуларен резултат, додека процесот на tie dye боење е екстремно прецизно симулиран, па резултатите се многу верни на најпопуларните дизајни од вистинскиот живот. Од друга страна, целиот хаос кој е присутен во реалниот процес тука е изоставен, што дополнително ги мотивира оние играчи кои баш поради таа причина се откажале од идејата да го пробаат тоа во реалноста, па Tie Dye ја гледаат како одлична алтернатива - велат од студиото.

Главна инспирација им биле видеата на „Тик-ток“ на креација на tie dye облека (најчесто станува збор за креативно бојадисување облека во повеќе нијанси) кои минатата година едноставно експлодираа од популарност и виралност.
- Ова, во комбинација со надоаѓањето на летната сезона и присутноста на ваквите дизајни речиси во секој моден сегмент, без разлика дали се работи за спортска, елегантна или облека за на плажа, беше добар патоказ за голем тематски потенцијал - велат тие.



Нонстоп ја одржуваат

Според нив, она што ги воодушевува корисниците на „Тie Dye“ е самата срж на играта - процесот на боење, креирање и креативно изразување кое продуцира уверливи резултати блиски до креациите од модниот свет.
- Ова е дополнително зајакнато со едноставноста на интеракцијата и кратката сесија. Прогресијата во играта, преку која се наградува играчот за посветено играње со уште повеќе типови облеки и начини на нивно виткање, го затвора овој магичен круг што ги плени гејмерите. Успехот да се стигне до ваква бројка и да се започне патот кон 200 милиони преземања е резултат на неколку фактори. Tie dye трендот сѐ уште е актуелен, дури и по една година. Вистински добра игра која е „налепена“ на овој тренд. Маркетинг-машината на нашиот издавач, „Crazy Labs“, буквално не запира и секогаш наоѓа нови начини да допре до што поширока публика. И, секако, константното работење на играта од наша страна, нејзино подобрување и збогатување со нови содржини, со што нонстоп ја одржуваме да биде актуелна, не само за оние што ја играат првпат, туку и играчите што се навраќаат на играта по некое време - истакнуваат од „Фјуриус авокадо“.

„Хиперкежуал“ игра

Ваквиот мегауспех за нив претставува дополнителна мотивација во потрагата по следниот хит. Додека на „Фјуриус авокадо“ како студио, пак, му овозможува да размислуваат за експанзија на тимот, како и можност да се вклучат во други сегменти од гејминг-индустријата, надвор од „hypercasual“ просторот.

- Ваков успех на една „хиперкежуал“ игра не е познат на овие простори, можеби и поради фактот дека сме најверојатно првото локално студио кое тргнало во правецот на развивање ваков тип игри и нивно пласирање на светскиот пазар. Секако, со надоаѓањето на талентирани млади тимови, се надеваме дека е само прашање на време кога друго македонско студио ќе застане рамо до рамо со „Фјуриус авокадо“. Ако го базираме заклучокот врз оцената на играта од страна на корисниците на „Ап стор“, која е 4,7 (од максимална оцена 5) според нешто повеќе од 350 илјади обожаватели кои досега ја рангирале играта, може да заклучиме дека критиките се доминантно позитивни. Веруваме дека најголем ефект за тоа има искуството, кое е многу блиско до реалниот процес на tie dye креирање облека и креативната слобода која им ја овозможуваме на играчите. Ова оди до тој степен што одредени играчи постираат видеа во кои се обидуваат во реалниот живот да ги рекреираат дизајните што ги имаат создадено во играта - истакнуваат од „Фјуриус авокадо“.



Работат на нов хит

На индивидуално ниво, членовите на „Фјуриус авокадо“, пред оформување на студиото, имаат работено на повеќе светски признаени и наградувани хит-игри.

- Актуелното портфолио на студиото засега ја брои „Tie Dye“ како објавена игра на која сѐ уште работиме посветено и со полна пареа. Од друга страна, посветени сме на изнаоѓањето на следниот „хиперкежуал“ хит, но и почнуваме со експериментирање во други сегменти на гејминг-индустријата кои се надвор од „хиперкежуал“ просторот - велат од студиото, кое полека, но сигурно се шири.

Целта на студиото е ова да биде домот на најталентираните луѓе за развој на игри во Македонија.

- Динамиката на ширењето моментално е забавена поради пандемијата и работата од дома, што ја отежнува оваа операција. Но, со надежите за скоро враќање во заеднички работен простор, очекуваме динамиката на растење и зајакнување на тимот да се забрза. Планираме да дојдеме до повеќе објавени наслови, а со самиот раст природно да транзитираме кон развивање игри кои се поамбициозни и пограндиозни. Воедно, да се етаблираме како столб на македонската (и светска) гејминг-сцена и како место кое младите таленти ќе го препознаваат како својот прв логичен избор за започнување на кариерата во овие води - дополнуваат творците на „Tie Dye“.