Дали има вистина во легендата дека слоновите одат на посебно место за да умрат?

Дали има вистина во легендата дека слоновите одат на посебно место за да умрат?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во популарната култура слоновите често се сметаат за едни од најинтелигентните животински видови. Според некои истражувања, овие импозантни цицачи покажуваат способност да се „обраќаат“ еден на друг, да жалат за починатите членови на стадото и генерално да покажуваат силно чувство за заедница.

Меѓутоа, се поставува прашањето за таканаречените „гробишта на слоновите“ - дали тие се навистина реални или се плод на човечката имагинација и тенденцијата за романтизирање на однесувањето на животните?

Постои легенда која раскажува за уморни и остарени слонови кои, чувствувајќи ја својата непосредна смрт, го напуштаат своето стадо и заминуваат на посебно место каде што многу од нивните предци го завршиле животот.

Легендата понатаму вели дека живите слонови ги посетуваат овие места за да им оддадат почит на нивните починати членови на семејството.

Луѓето често ги доживуваат слоновите како социјални и емпатични животни, склони кон соработка, со исклучителна меморија. Сепак, научните докази за постоење „гробишта на слонови“ се многу оскудни, што значи дека оваа идеја е веројатно мит. Важно е да се напомене дека постојат локации каде што се пронајдени коски на голем број слонови, но тоа е најверојатно резултат на масовно умирање за време на големи суши, а не намерно избрани места за умирање.

Интересно е што слоновите се меѓу ретките животински видови што покажуваат интерес за телата на починатите членови од нивниот вид. Некои експерти веруваат дека ова однесување може да укаже на тоа дека слоновите до одреден степен го разбираат концептот на смртта.

Истражување спроведено од научници од Обединетото Кралство и Кенија покажа дека слоновите навистина покажуваат поголем интерес за черепите на слон во споредба со черепите на другите животни. Посебен интерес покажале и за забите од слон.

Сепак, тоа не докажува дека тие ги посетуваат коските на одредени членови на нивното семејство. Истражувањето покажа дека слоновите не успеале да го разликуваат черепот на починатиот член на нивното стадо од черепите на слоновите од другите стада.

Карен Мекомб од Универзитетот во Сасекс вели дека нивниот интерес за черепите и забите на починатите членови од нивниот вид може да укаже на тоа дека слоновите навистина ги посетуваат останките на роднините кои умреле на нивната територија.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik