МОН и БРО почнуваат јавна консултација за наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение

МОН и БРО почнуваат јавна консултација за наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение

Министерството за образование и наука ги повика чинителите на воспитно-образовниот процес да дадат свои сугестии за унапредување на постојните наставни програми за седмо и осмо одделение кои се веќе изработени и да учествуваат во изработка на новите за деветто одделение, преку електронските адреси nastavniprogrami7@mon.gov.mk, nastavniprogrami8@mon.gov.mk и nastavniprogrami9@mon.gov.mk.

-Денес Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието започнуваат јавна консултација за наставните програми од седмо до деветто одделение, со цел оние што се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват да ги содржат сугестиите, особено на наставниците практичари, чие мислење е најважно во процесот на обликување на воспитно-образовниот систем. Новата Влада ја одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение поради многубројните реакции во јавноста дека интегрирањето предмети ја отежнува реализацијата на наставата, но и оценувањето, создавајќи конфузност и кај наставниците и кај учениците - се наведува во соопштението.

Од МОН ги повикуваат сите заинтересирани, а, како што велат, особено проактивност очекуваат од наставниот кадар, да ги достават своите сугестии најдоцна до 31 август. 

- Во интерес на транспарентноста на процесот, МОН и БРО ќе ги споделуваат пристигнатите сугестии, а за сублимирањето и креирањето заклучоци, ќе се дискутира на јавен настан. Надградените, односно новите наставни програми ќе се воведуваат етапно, во 2025 година во седмо, 2026 година во осмо и во 2027 година во деветто одделение - истакнуваат од Министерството.

Фото: Архива