Колумна: Со заедништво и соработка можен е секој напредок и успех
Заедничкиот јазик меѓу вработените во која било институција и работна организација е исклучителна потреба, вредност и придобивка воопшто во животот. Што значи тоа? Тоа значи дека ако постои почитување, слога и разбирање, односно ако на одговорен начин се соработува и се извршуваат задолженијата и обврските што ги дава организацијата или институцијата, тогаш не постои причина за непостигнување загарантиран успех и напредок. Така треба да функционира општествениот систем, но за жал, постојат исклучоци. Јасно е дека сосила ништо не се прави и не се чекори напред. Волја, мерак, дисциплина и љубов се четири клучни човечки особини што зрачат позитивна енергија и се начин на постигнување одредена цел.
Значителни успеси и резултати се постигнуваат кога тимот кој работи на нив е сериозен, одговорен и посветен, односно кога постои разбирање меѓу сите вклучени во зададената активност. Повторувам, потребно е да бидат вклучени сите во работната организација кога треба да се работи на одредени задолженија. Мене лично отсекогаш ми претставувало и ми претставува предизвик и чест кога треба да се вклучам во некоја образовна активност, особено кога треба да се осознае нешто ново, поучно и корисно за личен професионален развој и за опкружувањето. И тоа го правам со задоволство и чест оти сметам дека можам и дека треба да биде успешно реализирано. Несомнено е дека секој треба да го дава максимумот и придонесот во функционирањето каде што работи, впрочем, затоа се зема плата. Оти најлесно е ништо да не се работи, можеби и од тоа се заморува човек, којзнае. Треба да постои и поширок поглед на работите, а не само на една конкретна работа. Има просветари кои покрај својата професионалност, работат и друга и трета работа, што значи кој го бидува, нема за што не го бидува. Запомнете: искуството е одличен учител во животот. Работните навики се стекнуваат на самото работно место и тие треба да траат и да се надградуваат со текот на годините, нормално за оние што сакаат и имаат чест да учат, да истражуваат и да бидат пример на луѓе со знаења, вештини и способности. Тоа воопшто не е тешко кога се сака, може и умее. Трудот нема цена, ами само процена. Секогаш давајте го најдоброто од себе беспоштедно и бидете среќни и задоволни од тоа што го правите. Позитивната клима дава позитивни впечатоци и трудете се таква да се шири.
Најважно е да се соработува, да се комуницира на професионален начин и да се шират позитивни чувства во работата. Најтешко е да се денгуби или тукутака само да поминува времето гледајќи сеир и берејќи гајле за другите. Тие навики треба да се променат оти не носат ништо ново. Тоа веќе не е ниту цивилизираност ниту професионалност и нормално така времето бесцелно поминува, а ништо не се добива. Не е важно кој каков бил, тие се веќе прости работи на кои не треба ни минута внимание да им се посвети. Научете ја лекцијата: треба да се биде мајстор во секој занает, а не маткач. Оти мајсторот работи докрај на производот, а маткачот не знае како да му помогне на мајсторот. Таа е клучната разлика меѓу работник и неработник. Знаење, вештини, предлози, сугестии, па макар и критики (ги има и позитивни) се алатот за работа кога се формира еден тим, односно една група што треба да работи за нешто. Во секој тим се влегува подготвен. Доколку недостигаат овие квалификации, тогаш постојат консултации, договори, посредување... за да дојде до израз заеднички вложениот труд. Сплотени можеме многу, само ако сакаме.
Квалитетот на секоја работа е како математичка операција делење. Колку подобра е организацијата, тимот ќе оди напред и ќе се докажува, а на тој начин и мотивацијата за работа ќе расте. Така впечатоците ќе се делат и ќе доаѓаат до интерес. Нам не ни е потребен туѓ пример како да функционираме, ами самите треба да градиме систем и пример со кој ќе докажуваме дека сме квалитетни и вредни во одредени области од општествениот живот. А за тоа да го постигнеме, потребни ни се заеднички јазик и континуирана соработка. Со нив можен и јасен ќе биде секој успех. Имаме капацитет и потенцијал, па да ги користиме максимално!
Автор: професор Александар Адамовски