Малала Јусуфзаи: „Една книга, едно пенкало, едно дете и еден наставник можат да го променат светот“

Малала Јусуфзаи: „Една книга, едно пенкало, едно дете и еден наставник можат да го променат светот“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пакистанката Малала Јусуфзаи во 2014 година ја доби Нобеловата награда за мир. Таа стана меѓународен симбол за отпорот против талибанското настојување на жените да им се скрати правото на образование, како и другите права.

На оваа храбра девојка, на 10 октомври 2012 година талибанците се обиделе да ѝ го одземат животот затоа што храбро им се спротивставувала, како и на нивните намери да го забранат пристапот на жените до образование.

Преживеала куршум во главата, кој го испукал маскиран талибанец за да ја казни бидејќи на нејзиниот блог го критикувала талибанскиот режим, кој на жените им забранува да се школуваат. Закрепнувала по повеќе од три месеци.

малала
Фото: AFP


Светот беше шокиран од обидот за брутално убиство, а поради храброста, во 2014 година таа доби Нобелова награда за мир. И покрај тоа што беше многу млада, Малала беше пример дека децата и младите луѓе може да придонесат за подобрување на сопствената ситуација.

Таа не беше обесхрабрена од атентатот и продолжи гласно да зборува за важноста на образованието. Во ниту еден момент не помислила да се откаже од нејзиниот активистички ангажман.

- Терористите мислеа дека ќе ги променат нашите цели и ќе ги запрат нашите амбиции, но ништо не се промени во мојот живот, освен тоа што умреа слабоста, стравот и безнадежноста. Дури и да држам оружје в рака и тој да е пред мене, не би пукала во него - рече таа во говорот пред ОН.

Ова се некои од нејзините најмудри мисли.

- Да запомниме: Една книга, едно пенкало, едно дете и еден наставник можат да го променат светот.

- Го подигнувам мојот глас - не за да викам, туку за оние без глас да можат да бидат слушнати... Не можеме да успееме кога половина од нас ги држат да не успеат.

- Ако еден човек може да уништи сѐ, тогаш зошто една девојка да не го промени тоа?

- Ја сфаќаме важноста на нашите гласови само кога сме замолчени.

- Ја раскажувам мојата приказна, не затоа што е уникатна, туку затоа што не е. Тоа е приказната на многу девојки.

- Кога цел свет е замолчен, дури и еден глас станува моќен.

- Нашите луѓе мислат дека заработувањето пари и наредувањето наоколу е онаму каде што лежи моќта. Не мислат дека моќта е во рацете на жената која се грижи за секого по цел ден и ги раѓа своите деца.

- Со оружје можеш да убиеш терористи, со образование можеш да го убиеш тероризмот.

- Образованието не е ниту источно ниту западно. Образованието е образование и е право на секое човечко суштество.

- Иако го сакавме училиштето, не сфативме колку е важно до моментот кога талибанците се обидоа да ни го забранат. Одењето на училиште, читањето и пишувањето домашна задача не беа начин како да го поминеме денот, туку нашата иднина.