Можеби ќе ни треба нова физика за да го разбереме ширењето на универзумот

Можеби ќе ни треба нова физика за да го разбереме ширењето на универзумот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

За нешто што е идентификувано како „константа“, стапката на ширење на универзумот изгледа непостојано. Во февруари истражувачи што соработуваат со НАСА открија дека Хабловата константа - стапката на ширење на универзумот прифатена од повеќето физичари во поголемиот дел од минатиот век - може да е погрешна.

Тоа не е единствената студија во која се тврди тоа. Две нови студии го поддржуваат ова тврдење.

Една од новите студии се потпира на мерењата на космичкото заднинско зрачење, радијација предизвикана од Големата експлозија која сѐ уште ја има во универзумот. Еден тим истражувачи заклучиле дека стапката е 67,4 km/s/Mpc (километри во секунда по мегапарсек). Тоа е побавно од моментално прифатената вредност на Хабловата константа од 70 km/s/Mpc.

Другата студија, пак, се занимава со пулсирачките ѕвезди во блиските галаксии за да го одреди степенот на ширење на универзумот. Овие ѕвезди имаат редовни циклуси на светлост, што го прави релативно лесно мерењето на нивната оддалеченост од Земјата. Според таа анализа, стапката на ширење е 73,4 km/s/Mpc - тоа е побрзо од моментално прифатената Хаблова константа.

Проблемот е што двете студии изгледаат научно исправни. Користејќи го актуелниот космолошки модел на универзумот, тоа треба да е невозможно. Или нешто не е во ред со едната или двете студии или можеби истражувачите ги засноваат нивните заклучоци на некои статистички случајности.

Или можеби нешто не е во ред со нашата физика.

Ако последната опција е вистинита, ќе треба да смислиме нова физика која ќе направи сите овие студии да имаат смисла. Ако можеме да го направиме тоа, би можеле да гледаме на универзумот од сосема нова перспектива.