СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Проф. д-р Александар Стерјовски (89) студирал во 50-тите - Ми предаваа Конески и Поленаковиќ

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Проф. д-р Александар Стерјовски (89) студирал во 50-тите - Ми предаваа Конески и Поленаковиќ

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Проф. д-р Александар Стерјовски има 89 години и брилијантен ум. Тој е најисцрпниот хроничар на Битола. Со часови може на литературен македонски јазик да зборува за историјата на градот, милина да му е на човек да го слуша. Книжевност студирал во 1953 година, осум години по кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Се присетува дека кога се запишал на студии, Филолошкиот факултет бил во рамките на Филозофскиот. Ја имал ретката привилегија да му предаваат најзначајните фигури за македонскиот јазик во 20 век, академик Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, еден од основоположниците на историјата на македонската книжевност, и Димче Левков, претседател на Советот за просвета.

- Учебници немаше, книги немаше, а ние ресавска школа. Пишувај... Поленаковиќ и Димче Левков диктираа. Најсилен впечаток ми остави Конески. Човек што привлекува да го почитуваш. Ја паметам неговата благородна насмевка. Тивок, кроток. Перфектен човек и педагог. Ги читавме неговите написи за одбрана на македонскиот јазик. Објавуваше статии во „Современост“ и други списанија. Го сакавме тој човек. И не случајно потоа се одделија факултетите и Филолошкиот го доби неговото име. Тогаш Поленаковиќ ја објави првата книга за македонската литература „Страници од македонската книжевност“. Ја читавме и ја голтавме. Пишуваше за Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски - се присетува професорот Стерјовски.



Да студираш во Скопје беше како да учиш во странство

Роден е во 1933 година во Битола. Ученик бил на прочуената Горна гимназија. Цел живот го посвети на македонскиот литературен јазик, предавајќи по училишта, а потоа со години до пензионирањето, предавал прво на Педагошката академија, па и на Факултетот за учители и воспитувачи во Битола.

- Да студираш на почетокот на педесеттите години во Скопје беше како да учиш во странство. Скопје беше како странство. Далеку беше за нас. Се патуваше со часови со воз. Сиромаштија голема. Ние четворица дома, а само една плата работничка. Татко ми работеше во „Прогрес“. Ќе тргнам на студија, а пари нема. Се сеќавам возот треба да тргне попладне, а јас чекам да дојде татко ми. Позајмил пари од некаде, да донесе. Ги бројам минутите, а татко уште не е стигнат. Еве го уморен кутриот, вјаса да стигне, ги носи парите. И тргнува возот - вели Стерјовски.



Од шумар до книжевник

Голема дилема во тоа време било каде да се студира. Две години пред тој да стане бруцош државата одредувала кој што ќе студира во зависност од потребата. Но, кога тој стигнал за студент, таквата практика била укината. Матурирал со најмалата генерација на Битолската гимназија, која броела 43 матуранти. Дел заминале на Медицина, дел на Шумарски факултет.

- И јас тргнав на Шумарски. Тогаш се формира високото образование и прво се разочарав. Немаше кадар, увезуваа кадри од другите републики. Првите часови доаѓа даскалот, некој инженер. Се ниша, одвај стои. На масата ја фрла чантата и капата. Ние имавме друга претстава за факултет. Професорот - дрво пијан. Му давам ишарет на соученикот дека не бива оваа работа. Политичка економија предаваше ветеринарен лекар. Крпачка работа - раскажува професорот.

Ги зел документите и тргнал на Медицина. Сретнал битолчани кои му кажале дека секцирале труп и некој од студентите припаднал. Потоа отишол на Архитектонски, но математиката не му одела. На крај, еден од колегите со кои престојувале во студентскиот дом „Стив Наумов“, дваесетина во една просторија, му кажал дека е на книжевност и дека има белешки од сите предавања. Се одлучил да студира југословенска книжевност.



Државата им давала пари, а возот носел вести

- Платата на татко ми беше мала. Имавме право штом детето оди на школо, на студија, да добива детски додаток кој беше во висина на плата. Тоа не стигнуваше за сите трошоци. Тогаш Битолската околија ми даде стипендија од 1.500 динари. Додатокот и оваа стипендија ги покриваа сите трошоци. Таква политика имаше државата, бидејќи немаше школувани кадри, да одат што повеќе на студија - вели професорот.

Се присетува дека во Скопје се чувствувале како провинцијалци. Вестите ги носел возот. Па, место да излегуваат, оделе пеш до Старата железничка станица да видат кој доаѓа и да им донесе вести за родното место. Потоа знаеле да седнат во слаткарница и да изедат цела торта.

Дипломирал во рекордно време. Кога се вратил во Битола, морал да се пријави во Околијата од каде што му била стипендијата, колку години го финансирале, толку да им стои на услуга каде што имаат потреба да го вработат.

- Кога реков дека дипломирав, ми рекоа: „Одвај те чекавме. Ќе одиш во Прилеп, во гимназијата Мирче Ацев.“ - Немојте така, одвај истуркав со пари. Видете, дури и ракавите од сакото ми се излитени од старост. Плус треба да помогнам дома, одвај издржаа луѓето - им реков.

- Не, има една професорка што отиде на породолно, ти ќе одиш во Прилеп - ми возвратија. - Чаре? - Нема чаре.

И другиот ден го фатив возот и право Прилеп. Одам во „Мирче Ацев“, влегувам низ главниот влез кај професорите и служителот ми вели: „Таму кај учениците“. „Професор сум, му велам“, до детаљ објаснува професорот.



Меѓу првите што го удрија ѕвоното на современото педагошко образование

Една година предавал во Прилеп и цела плата му одела за трошоци. Работеле и во сабота. Потоа заминал војска. Па станал професор во Земјоделското училиште во Битола. Тие 12 години му биле најубави во кариерата. Учениците претежно биле од село, кротки и мирни. Потоа станал професор на Педагошката академија во Битола, а додека бил проректор, го формирале Факултетот за учители и воспитувачи. Или, како што вели тој, „први го удривме ѕвоното“, учителите и воспитувачите да бидат со високо образование во земјава. Таму остана до пензионирањето.

Денес е активен пензионер. Денот му се состои од творење, односно пишување книги за Битола, деновиве од печат излегува „Битола-музика“, и од пешачење до Тумбе-кафе. Тој е еден од омилените битолчани. Му треба еден час да помине низ Широк сокак од што го запираат луѓе да го поздрават и да научат нешто повеќе за Битола. Досега напишал 20 книги, стручна литература и хроники за Битола. Новата книга, која ја подготвува на 89-годишна возраст, ќе го носи името „Битолчани“.

- Како генерација многу се вложивме, во описменувањето, пренесувањето на знаењето на помладите генерации. Многу се трудевме да ја изградиме иднината. Им оставивме завет по кој треба да го продолжат патот - заклучува професорот, публицист, истражувач, педагог и книжевник Александар Стерјовски.

Фото: приватна архива