Антонио Андоновски, матурантот што освои бронза на Олимпијадата по хемија: Нешто те тера да си ги мериш силите на меѓународно поле

Антонио Андоновски, матурантот што освои бронза на Олимпијадата по хемија: Нешто те тера да си ги мериш силите на меѓународно поле

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Се разбира дека претходното искуство има своја улога. Во 2016 година на Олимпијадата во Тбилиси, Грузија, комплетно се блокирав. Тремата ми беше најголем проблем, не само на практичниот, туку и на теоретскиот дел. Затоа резултатот не ми беше најсјаен

Апетитот за успеси во науката не сопира со државна награда. Нешто ве тера да си ги измерите силите на меѓународно поле, вели матурантот Антонио Андоновски од Скопје.
Тој е еден од двајцата добитници на бронзен медал на 50. Олимпијада по хемија што неодамна се одржа во Прага и во Братислава. Четворица средношколци ги бранеа боите на Македонија, предводени од професори од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Антонио Андоновски на Институтот за хемија

Антонио матурира во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, а образованието ќе го продолжи токму на Институтот за хемија. Вели дека изборот не бил лесен. До последен момент се двоумел на кој факултет да се запише.
- Беше тешка одлука. На крај се решив за Институтот за хемија. Ја избрав насоката Применета хемија – вели Антонио.

На прашањето како се родила љубовта кон хемијата, тој вели дека отсекогаш го интересирале природните науки. Прво многу го интересирала математиката, а потоа физиката.
- Мислам дека интересот за хемија секогаш беше „тука“, но не добив шанса да се натпреварувам. Сè до прва година во средно. Отсекогаш ми беше интересно како може две различни работи да се измешаат и да се добие нешто комплетно ново, да има едни својства на почетокот, потоа да биде комплетно различно. Сето тоа стана јасно во прва година, кога почнав да се натпреварувам – објаснува тој.

Искуството е многу важно

Во средно хемија му предавала Билјана Петреска. Го забележала талентот кај него и го мотивирала да ги проширува своите знаења.
- Средината ми нудеше разни опции. Во гимназија можев да изберам во која било насока да се подобрувам себеси, не само по хемија и физика. Можев да изберам да се развивам во повеќе насоки – вели Антонио.

Нашиот олимписки тим предводен од професорите на Институтот по хемија

На Олимпијадата во светот позната и како IchO годинава учествуваа 300 натпреварувачи од 76 земји од светот. На прашањето колку е важно да се учествува на еден олку масивен собир и како тоа се рефлектира понатаму врз успехот, тој вели дека искуството е пресудно. Антонио третпат учествува на Олимпијадата, а првпат освои медал.
- Се разбира дека претходното искуство има своја улога. Во 2016 година на Олимпијадата во Тбилиси, Грузија, комплетно се блокирав. Тремата ми беше најголем проблем, не само на практичниот, туку и на теоретскиот дел. Затоа резултатот на ми беше најсјаен. Но, со секоја наредна година, со поддршката од професорите и менторите, подготовките беа сè подобри. Искуството си го прави своето – објаснува идниот хемичар.

Македонија освои два бронзени медала

Менторите - доцент д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска, двајцата од Институтот за хемија и членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија - објаснуваат дека до свеченоста на доделување на медалите невозможно е да се дознае кој ученик освоил нешто.
- Воопшто не очекував да земам медал. Мислев дека ќе го промашам за неколку поени, како лани. Беше ново чувство, никогаш не ми се случило вакво нешто. Тоа ми беше сон! Да постигнам некој поголем успех. Можам да кажам „апетитот“ не сопира со натпревар на државно ниво. Доаѓа момент кога и тоа не е доволно. Имам некое чувство што ме мотивира, ме тера да се подобрувам, ми вели дека има уште понатаму, поголемо поле кое треба да го совладам, да го поминам, да продолжам да ги откривам непознатите нешта во оваа наука. Некој би рекол дека му се демотивација луѓето што освојуваат медали. Напротив, мене тие ме мотивираат да станам подобар и да напредувам за да можам некој ден да стојам на исто рамниште со нив - објаснува Антонио.

Интересна ми е експерименталната работа

За разлика од повеќето негови врсници кои првата половина од летниот распуст се одмораа и се забавуваа, тој и неколкумина ученици интензивно се подготвуваа за Олимпијадата што се одржа на крајот од јули. На прашањето како се разликува нивното од секојдневието на повеќето средношколци, Антонио вели:
- Сепак, доаѓањето на Институтот за хемија, каде што се одвиваа подготовките за Олимпијадата, е еден вид дружење. Комуницираме меѓу себе, се дружиме. Слични сме, имаме исти интереси и пријатно ни е во таа комуникација. Се надевам дека и другите исто се чувствуваат – вели Антонио.

Идниот бруцош на Институтот по хемија

На прашањето каде се гледа себеси во иднина, Антонио вели дека го интересира хемијата како наука, општо. Има сфери каде што е послаб, а некаде е подобар.
- Интересна ми е главно експерименталната работа, сепак, не можам да фаворизирам некој дел. Сè ми е интересно. Не можам да претпоставам што ќе донесе иднината. До скоро буквално не знаев на кој факултет ќе се запишам. Имам време и простор наредниве години да решам кон што ќе се насочам. Сигурно ќе се појави некој дел од хемијата што ќе ме предизвика – вели тој.