Првата далечинска операција на срце е извршена со помош на робот

Првата далечинска операција на срце е извршена со помош на робот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Хирург во Индија извршил серија од пет перкутани коронарни интервенции (ПЦИ) кај пациенти што биле оддалечени 32 километри од него. Овој настан е првиот хируршки зафат на срце направен од далечина.

Операцијата била извршена кај пациенти што имале атеросклероза, состојба кога во крвните садови се создава плоча и го попречува крвотокот. Во оваа специјална процедура извршена од далечина, робот кој бил контролиран од хирургот вметнал стент за да ги отвори крвните садови во срцето.

Роботот бил развиен од страна на компанијата „Кориндус“ и трудот напишан за процедурата деновиве беше објавен во „ЕКлиникал медисин“. Операцијата е дел од ново движење наречено телемедицина, која наскоро би можела да го децентрализира здравството и да помогне во врска со недостигот на медицински персонал.

Процедурата била извршена минатата година од страна на кардиологот Теџас Пател. Во процедурата била вклучена далечинска работна станица, поставена на локацијата на Пател. Станицата била поврзана со роботот со помош на брз интернет и имало камери во оперативната просторија за лекарот да има прегледност во процедурата.

- Далечинските процедури имаат потенцијал да го трансформираат начинот на кој ги лекуваме болестите за кои треба брзо да се реагира, како што се срцевиот и мозочниот удар. Успехот на оваа студија создава услови за големи и оддалечени телероботски платформи низ целиот свет, а објавувањето во „ЕКлиникал медисин“ на „Лансет“ ја покажува трансформативната природа на телероботиката. Иако далечинските роботски процедури сѐ уште се во рана фаза на развој, јасно е дека сме на пат кон проширување на пристапот до нега за пациентите - истакна Марк Толанд од „Кориндус васкулар роботикс“.