Најголемата корона-забава во светот - поради еден собир заразени над 250 илјади лица

Најголемата корона-забава во светот - поради еден собир заразени над 250 илјади лица

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Еден собир на моторџии во Јужна Дакота е одговорен за повеќе од 250 илјади заразени со коронавирус во САД, покажа научна студија.

Неверојатни 266.796 случаи на зарази со новиот коронавирус се поврзани со голем моторџиски собир во Стерџис во американската сојузна држава Јужна Дакота, открива нова американска студија. Тоа воедно претставува и најголемото поединечно жариште, односно, т.н. корона-забава.

За изготвување на студијата биле разгледувани податоци во периодот од 2 август до 2 септември.

- Утврдивме дека бројот на заразените во окрузите од кои биле многу од луѓето во Стерџис нагло се зголемил по тој собир, за разлика од окрузите од кои немало многу луѓе на настанот - вели Ендрју Фридсон, еден од авторите на студијата.

Во наведениот период во САД биле забележани 1,4 милион новозаразени со коронавирус, а настанот од Стерџис претставува неверојатни 19 отсто од тие случаи.

Моторџискиот настан на кој се собрале стотици илјади луѓе од сите делови на САД довел до ширење на заразата во неколку сојузни држави и најмалку едно лице починало поради последици од болеста.

Настанот почнал на 7 август и траел 10 дена, а биле присутни повеќе од 460.000 лица. Инаку, градот Стерџис има само 7.000 жители.

Во окрузите од кои дошле најмногу луѓе бројот на новозаразени по тој настан се зголемил за 10,7 отсто.



- Заклучивме дека собирот создал значителни трошоци во јавното здравство и проценивме дека станува збор за најмалку 12,2 милијарди долари - се наведува во студијата.

Американските експерти сметаат дека ако се потврди сè што е наведено во студијата, овој настан ќе стане најголемото жариште на коронавирус забележано во САД, а можеби и во целиот свет.

Сепак, гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, ја нарече студијата фикција, а не наука.

- Тоа е извештај, а не наука. Тоа е фикција. Под превез на академско истражување, тоа не е ништо друго освен напад врз оние што го користеле правото на лична слобода за да дојдат во Стерџис - истакна таа.

Фридсон појасни дека студијата не се занимавала со модели и дека не прави претпоставки.

- Да се каже дека ова е фантазија на основа на моделирање значи неразбирање на науката општо - рече Фридсон.

Насловна фотографија: zimo.dnevnik.hr