Како Кина го искористи „Епл“ за да стане светски технолошки лидер

Како Кина го искористи „Епл“ за да стане светски технолошки лидер

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Последниве децении Кина стратешки го градела својот пат кон технолошка суперсила, а една од клучните точки во овој процес била соработката со големи западни компании како „Епл“.

Иако многумина мислеле дека производството во Кина е само прашање на пониски трошоци, вистинското влијание на оваа стратегија врз кинеската индустрија и технолошкиот развој било многу поголемо.

„Епл“ во Кина: Повеќе од производство


Според Патрик Мекги, поранешен дописник на „Фајненшал тајмс“, кој во својата книга „Епл во Кина: Освојувањето на најголемата компанија во светот“ интервјуирал повеќе од 200 поранешни вработени во „Епл“, одлуката компанијата да произведува повеќе од 90 отсто од своите производи во Кина имала повеќекратен ефект. Не само што „Епл“ ја зголемил профитабилноста, туку истовремено обучил кинески работници, пренел клучни технолошки вештини и развил мрежа на снабдувачи која денес претставува основа на кинеската технолошка индустрија.

Кинеските производители, од основни компоненти како стаклени делови и камери, па сè до производство на чипови, постепено ги усвојувале технологијата и методите на западните компании. Мекги истакнува дека овој пренос на знаење овозможил појава на кинески технолошки гиганти како „Хуавеј“, „Шаоми“ и други компании.

Индустриска политика и стратешки развој

Кајл Чанг, истражувач од Универзитетот „Принстон“, објаснува дека Кина не чекала пасивно, туку целосно насочено привлекувала компании како „Епл“ за да ги унапреди своите домашни капацитети. Во рамките на стратегијата „Направено во Кина 2025“, владата вложува во стратешки сектори, поддржува локални компании и поттикнува конкуренција, создавајќи основа за глобално натпреварување.

- САД ја задржуваат водечката позиција во основните технологии и напредните микрочипови, но Кина брзо ја намалува предноста во иновациите - истакнува Хан Шен Лин, директор за Кина во американската консултантска компанија „Ејжа груп“.

Улогата на вештачката интелигенција и геополитички предизвици


Кина е особено активна во развојот на вештачката интелигенција. Додека американските компании како „Опен АИ“ развија модели на вештачка интелигенција за обработка на природен јазик, кинеските фирми создадоа свои чет-ботови како „Дипсик“, често со значително пониски трошоци, и тоа покрај ограничувањата во извозот на напредни чипови на вештачката интелигенција. Компанијата „Тесла“, која произведува електрични возила, планира да го користи „Дипсик“ во своите автомобили во Кина.

Во последните години САД го ограничуваа извозот на напредни чипови кон кинеските компании, што ја натера Кина да развие сопствени независни технологии и добавувачки синџири. Чанг смета дека овие рестрикции, иако краткорочно ја забавиле технологијата, долгорочно послужиле како поттик за создавање домашни иновации.

Кина како технолошки лидер

Денес, Кина поседува софистицирани капацитети за производство, технолошка работна сила и индустриски екосистем кој е резултат на долгорочно планирање, инвестиции и учење од странски компании. Додека САД сè уште водат во основните технологии, Кина успеа да создаде свои технолошки гиганти и разви способност да се натпреварува на глобално ниво.

Според Мекги и други експерти, одлуките на „Епл“, како и на други западни компании, не биле случајни. Тие несвесно придонеле за создавање конкурент кој сега ја обликува иднината на технологијата на глобално ниво.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Pixabay