НАСА сака да запре апокалиптична ерупција на супервулкан

НАСА сака да запре апокалиптична ерупција на супервулкан

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Какви слики ви минуваат низ глава кога мислите за крајот на светот?

Астероиди? Можеби светска војна? Климатски промени? Или можеби вонземјани? Дури и ако некои од овие работи се реални, има многу поголема закана од под земјата која може да ѝ стави крај на човечката цивилизација, а за која знаат многу малку луѓе.

Според известувањата на западните медиуми, дури и НАСА ги смета супервулканите за едни од најголемите природни закани за човештвото.

Под американскиот национален парк Јелоустон има огромен резервоар со магма, кој е одговорен за меурите на сите гејзери, и токму тој резервоар има потенцијал да го уништи човештвото.

Иако резервоарот под националниот парк во Вајоминг не е единствениот потенцијален супервулкан во светот, Јелоустон е подготвен да еруптира.

Приближно на секои 100.000 години има експлозија на супервулкан, а последиците можат да бидат фатални. Ако Јелоустон еруптира, тоа ќе предизвика глад и вулканска зима (ладење на подолниот дел од атмосферата). Според процените на ОН, ерупцијата може зад себе да остави резерви од храна за само 74 дена.

Колку пожешко станува во вулканот, толку повеќе гасови произведува тој. Се размислува за ладење на супервулканот. За да се направи тоа, потребна е огромна количина на вода, која, теоретски, би требало да се стави во вулканот, но имплементацијата е речиси невозможна. Би требало да се изгради акведукт нагоре во планинскиот регион, што би било тешко и скапо, а и луѓето не сакаат така да им се троши водата.

- Луѓе од целиот свет се очајни за вода и толку голем проект каде што единствениот начин за користење на водата е за ладење на супервулкан би бил многу контроверзен - вели Брајан Вилкокс од Лабораторијата за реактивен погон на НАСА.

Но, НАСА има алтернативно решение: дупчење 10 километри длабоко во супервулканот и пумпање вода под висок притисок. Ова би ја намалувало температурата по малку секој ден.

Пред сè, важно е да се дупчи од страните на вулканот наместо директно на врвот од резервоарот со магма бидејќи тоа може да ја забрза ерупцијата на вулканот. Но, планот доаѓа со голема цена: 3,46 милијарди долари.

Кога ќе се одмерат бенефитите, како фактот дека може да се спречи крај на човештвото, ова може да е вреден чекор. Планот носи и друга придобивка: преку вакво дупчење може да се направи и геотермална електрана, која генерира електрична енергија по конкурентни цени од околу 0,10 долари за kWh.

- Јелоустон експлодира на околу 600.000 години и од последната експлозија поминаа околу 600.000 години. Тоа треба да ни го привлече вниманието - предупредија од НАСА.