Депонија никнала во дворот на ученичкиот дом „Мирка Гинова“ во Битола

Депонија никнала во дворот на ученичкиот дом „Мирка Гинова“ во Битола

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

Грозна слика на шут и ѓубре го „краси“ дворот на ученичкиот дом „Мирка Гинова“ во Битола. Над градежниот шут, кој бил исфрлен затоа што биле реновирани тоалетите, се „насадило“ и ѓубре. Ја прашавме директорката на домот, Елена Патче Спасеновска, зошто дворот е доведен во таква ситуација. Иако ѓубрето изгледа дека е наталожено подолг период, директорката вели дека вака е неколку дена и дека се чека добавувачот да дојде да го крене шутот. Но, битолчани велат дека ѓубрето стои веќе еден месец. Наши извори нè известија дека денеска дошле багери за да се исчисти.



- Ги реновиравме тоалетите и имавме шут, кој добавувачот треба да дојде да го крене со трактор. Деновиве сум на боледување и затоа не се забрза работата. Ученичкиот дом ни е во заеднички двор со Техничкиот факултет, наоколу има и сендвичарници и сите придонесуваат за оваа слика. Комуналното треба да дојде да го исчисти ѓубрето, а ние сме задолжени да организираме да се крене шутот - објаснува Спасеновска.



Таа се пофали дека во последната една и пол година работеле многу на подобрување на условите за живот на учениците. Категорична е дека треба да се работи повеќе на покренување на свеста за хигиена кај учениците што се сместени во домот.