Кој има пари, ќе има и простор: Се подготвува авион во кој бизнис-класата ќе има повеќе од 100 седишта
Компанијата „Бритиш ервејс“ ќе направи бизнис-класа со дури 106 седишта во своите авиони „ербас А380“. Сите 106 седишта ќе бидат на горниот дел на најголемиот патнички авион во светот, а секое ќе има врата што овозможува дополнителна приватност.
За патниците што седат во економската класа, веста е нешто помалку гламурозна. Нивниот број значително ќе се намали.
Помалку седишта во економска класа, повеќе патници што плаќаат премиум
„Бритиш ервејс“ моментално има 97 седишта во бизнис-класата во „А380“ и дури 303 седишта во стандардната економска класа. По реконструкцијата, односот ќе изгледа сосема поинаку. Бизнис-класата расте на 106 седишта, премиум економската од 55 на 84, додека бројот на стандардни економски седишта паѓа на само 215.
Се менува и првата класа: наместо досегашните 14, ќе има 12 апартмани. Со други зборови, компанијата практично исфрла десетици од најевтините седишта и просторот го користи за патници кои се подготвени да платат повеќе. Тоа не е случајност, туку дел од инвестицијата вредна повеќе милијарди на „Бритиш ервејс“ во авионските кабини, аеродромските услуги и салоните на лондонскиот „Хитроу“. А зад сето тоа стои многу едноставна пресметка - едно поскапо седиште може да вреди повеќе од неколку поевтини.
Патниците плаќаат повеќе за простор
Авиокомпаниите со години го зголемуваат бројот на премиум седишта во своите авиони, од дополнителен простор за нозете до целосно приватни апартмани.
Причината е зголемената побарувачка. Патниците што летаат на долги релации се подготвени да платат повеќе за удобност, приватност и можност за време на летот да работат или да спијат без чувство дека се дел од „авионска конзерва“.
Доплатата за дополнителен простор на трансатлантските летови може да биде повеќе од 200 долари по лет, додека премиум економската класа по купувањето на картата може да бара доплата поголема од 1.000 долари.
А кога ќе се влезе во најскапата категорија, бројките стануваат целосно поинакви: картите за бизнис и прва класа на долги летови можат да чинат 5.000, па и повеќе од 10.000 долари. Затоа за авиокомпанијата е логично дел од просторот во авионот да го претвори во производ со многу поголема заработка.
Со овој потег„Бритиш ервејс“ внесува уште една интересна промена во својот „ербас А380“. Најголемиот патнички авион во светот последниве години немаше сјајна репутација меѓу авиокомпаниите. Голем број превозници го повлекоа од флотата и го заменија со помали и поефикасни авиони кои можат пофлексибилно да одговорат на побарувачката.
„Ербас“ го испорача последниот „А380“ кон крајот на 2021 година на компанијата „Емирејтс“, најголемиот корисник на овој модел. Сепак, „Бритиш ервејс“ не се откажува од својот „А380“. Компанијата има 12 вакви авиони и сега ги претвора во своевидни летечки премиум производи.
Тоа е интересен пресврт - авионот што е направен да превезе огромен број луѓе, сега сè повеќе се користи за продажба на простор на помал број патници по повисока цена.
Луксузот веќе не е само работа на престиж
Промената на авионските кабини кажува нешто повеќе за патувањата. Авиокомпаниите сè помалку ја гледаат картата како единствен производ. Наместо тоа, авионот станува збир од различни производи: од најевтиното седиште до приватен апартман со врата.
Патникот кој сака само да стигне од точка А до точка Б ќе плати помалку. Оној што сака повеќе простор ќе плати дополнително. Оној што сака да спие, да работи, да има приватност и да се чувствува како да е во хотел, ќе плати уште повеќе, а авиокомпаниите ќе му го продадат тој простор.
Затоа 106 седишта во бизнис-класата во еден „А380“ се повеќе од интересна вест од светот на авијацијата. Тоа е показател каде индустријата ги гледа парите.
Иднината на летањето можеби нема да биде во тоа во авионот да соберат што е можно повеќе луѓе, туку секој квадратен метар да се продаде што е можно поскапо.
Извор:
BIZinfo.rs
Фото: Magnific