Нела Николовска, софтверски инженер, на 23 години ја создаде ВИ-платформата „Блесни“ за учење математика: „Секое дете може да блесне кога ќе добие вистинска поддршка“

Нела Николовска, софтверски инженер, на 23 години ја создаде ВИ-платформата „Блесни“ за учење математика: „Секое дете може да блесне кога ќе добие вистинска поддршка“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Младата македонска иноваторка сака да им помогне на учениците да ги надополнат пропуштените знаења и повторно да ја стекнат сигурноста во математиката.

Математиката е како скалила – ако прескокнете едно, многу потешко ќе се искачите на следното. Ако ученикот не разбере една лекција, многу е веројатно дека ќе има тешкотии со следната бидејќи новото знаење најчесто се надоврзува на претходното, вели Нела Николова (23), млада македонска иноваторка од Негорци, Гевгелиско, софтверски инженер и дипломец на ФИНКИ, која ја креира ВИ-платформата „Блесни“ за учење математика според македонската наставна програма и индивидуалниот капацитет на секој ученик.



- Преку моето искуство како наставник увидов еден сериозен проблем – математиката е предмет во кој знаењето се надоврзува. Ако ученикот пропушти една лекција или не ја разбере добро, подоцна може да има празнина која тешко се надополнува. А училиштето мора да продолжи со наставната програма и не може да чека секој ученик да го совлада материјалот со свое темпо. Секој ученик има различно предзнаење, потреби и темпо на учење. Наставникот, колку и да сака, во училница со голем број ученици не може секому да му посвети индивидуално внимание - вели Николова.

Платформа што го следи темпото на секој ученик

„Блесни“ е систем кој на ученикот му овозможува да учи со свое темпо, да го надополнува пропуштеното и, пред сè, повторно да стекне сигурност во сопственото знаење. Не е само алатка со вештачка интелигенција, туку е дизајнирана како дополнителна поддршка за ученикот по училиште. На едно место има лекции, видеообјаснувања, квизови, задачи, следење на напредокот, но и ВИ-асистент кој му помага на ученикот подобро да ја разбере задачата.

- Она што е особено важно е начинот на кој функционира ВИ-асистентот. Тој не му го дава директно решението на ученикот, туку го води чекор по чекор до него. Се приспособува на конкретниот ученик, го зема предвид неговиот напредок, резултатите од квизовите и областите во кои има тешкотии, со цел помошта да биде што е можно поиндивидуална - објаснува Николова.



Математика според македонската наставна програма

Платформата е креирана според македонската наставна програма, а содржините се усогласени со материјалот што учениците го изучуваат во училиште. Она што го учат на часовите по математика можат да го најдат и на „Блесни“, но претставено на поинтерактивен и поинтересен начин.
Материјалот е проследен со вежби, задачи и видеообјаснувања со визуелни елементи и анимации, чија цел е полесно да му го привлечат вниманието на ученикот, да поттикнат размислување и да помогнат во визуелното и долгорочното паметење на материјалот.

- На тој начин, ученикот не учи нешто различно од она што го изучува во училиште, туку добива дополнителен начин полесно да го разбере и совлада истиот материјал. Живееме во време на дигитализација и вештачка интелигенција, а начинот на кој учат денешните генерации значително се менува. Децата се навикнати да им бидат достапни информациите веднаш и преку дигитални алатки. Затоа почнав да размислувам: зошто технологијата да не ја искористиме за нешто што ќе им помогне на децата полесно да ја разберат и да ја засакаат математиката - вели Николова.



Од ученик до наставник и иноватор

Интересно е што таа почнала да предава математика уште како ученик, па добро знае како изгледа учењето од двете страни – и од перспектива на оној што учи и на оној што предава. Таа е дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство на ФИНКИ.

- Сакав да создадам нешто што ќе ја објаснува математиката на едноставен и разбирлив начин, онака како што и јас би сакала некој да ми ја објаснел кога сум учела. Затоа „Блесни“ не ја гледам само како технологија, туку како спој на технологија, наставно искуство и разбирање на вистинските потреби на ученикот - додава таа.

Николова смета дека придонес за тоа математиката да станува баук во училиштата има и начинот на кој се одвива наставата. Во една училница наставникот работи со голем број ученици, а секој од нив има различно предзнаење, темпо на учење и потреби. Во такви услови, тешко е да се посвети доволно индивидуално внимание на секого.

Технологијата како дополнителна поддршка, а не замена за наставата

- Денешните деца растат со телефони, видеа, интерактивни содржини и брз пристап до информации. Тоа не значи дека традиционалната настава треба да исчезне, туку дека треба да најдеме начини технологијата да ја искористиме како дополнителна алатка за учење. Светот оди напред, па мора да напредува и начинот на кој им го доближуваме знаењето на децата. Ако сакаме да им го привлечеме вниманието и да ги мотивираме да учат, треба да им понудиме начин на учење кој е поблизок до нивното секојдневие - вели иноваторката.

Оттука доаѓа и името „Блесни“, кое го претставува нејзиното верување дека секое дете може да блесне.

- Некое дете е одлично во математика, друго во спорт, трето во уметност. Но, верувам дека секое дете може да блесне кога ќе ја добие вистинската поддршка и кога ќе му се даде можност да учи на начин што му одговара. Сакам секое дете да го открие својот потенцијал, да стекне самодоверба и да почувствува дека и тоа може да блесне, па дури и во математика - нагласува таа.

Решавала задачи слушајќи музика

Математиката ја засакала уште во основно училиште. За себе вели дека не е човек кој сака да учи теорија, туку отсекогаш повеќе ја привлекувале решавањето проблеми и размислувањето како да се стигне до решението.

-Дури и кога требаше да седнам да учам математика, никогаш не го доживував тоа како обврска. Ќе си пуштев музика и можев со часови да решавам задачи. Ми се допаѓаше тој процес, да се соочам со некој проблем, да размислувам и сама да стигнам до решението. Потоа ме привлече информатиката, можноста преку технологијата да ги претворам идеите и решенијата во нешто конкретно и корисно - вели Николова.



„Блесни“ да се прошири низ целиот Балкан

Таа денес работи на проекти за странски компании, каде што дополнително стекнува искуство во различни области од технологијата и дигиталниот свет, но најголем дел од времето го посветува на развојот на „Блесни“.

Целта ѝ е постепено да го развие во мал дигитален едукативен центар, кој нема да биде наменет само за учениците во Македонија, туку со текот на времето да може да се прошири и во други земји од Балканот.

- Сакам платформата да прерасне во место каде што децата ќе можат да учат повеќе предмети, да стекнуваат знаења и вештини преку современи дигитални алатки и да добиваат поддршка при учењето, без разлика каде се наоѓаат - вели младата македонска иноваторка.

Фото: приватна архива