Некои мајмуни од зоолошки повеќе сакаат звуци на сообраќај отколку природна врева од џунгла

Некои мајмуни од зоолошки повеќе сакаат звуци на сообраќај отколку природна врева од џунгла

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мајмуни во финска зоолошка градина демонстрирале „значителна“ наклонетост кон звуци на сообраќај отколку на вревата на џунглата, утврдиле истражувачи.

Како дел од експеримент за да видат како технологијата може да ја подобри благосостојбата на заробените животни, истражувачите инсталирале тунел со сензори во делот каде што престојуваат мајмуните во зоолошката „Коркеасаари“ во Хелсинки, со што им била дадена шанса да изберат да ги слушаат звуците на дожд, сообраќај, зен-звуци или музика за танцување.

- Мислевме дека повеќе ќе уживаат во смирувачки звуци, како зен-музика, но тие повеќе ги активираа звуците на сообраќај - истакна Илјена Хирскиј-Даглас, истражувач при финскиот универзитет „Аалто“.

Звукот на возила се покажал како најпопуларен избор кај животните, кои некогаш спиеле или се тимареле во тунелот - нешто што не го правеле за ниеден друг звук.

Координаторот за истражување при зоолошката, Кирси Пинонен, верува дека звукот од пат всушност имитира некои од природните средства за комуникација на мајмуните.

- Во дивината овие мајмуни користат пиштење, чкрипење и крекање за да останат во контакт - врева која можеби ја слушаат во сообраќајот - вели таа.

И претходно биле спроведувани експерименти со звук врз затворени животни, но научниците велат дека ова е прв обид на животните да им дадат целосна контрола врз она што сакаат да го слушаат.

Во иднина ова може да им овозможи на зоолошките да им обезбедат на животните екстра стимул во нивните живеалишта.

- На пример, животните би можеле да ги контролираат светлото, топлината или температурата, или дури и да играат игри - вели Даглас.

Други зоолошки од Европа покажале интерес за резултатите од истражувањето и следниот чекор што тимот планира да го направи е инсталирање екрани во тунелот за мајмуните да може да гледаат нешто ако сакаат.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay