Ристо Вуков по деби-сезоната во Карера-купот на Италија: Желба ми е да бидам првак во Светскиот порше-куп и тест-возач на Ферари или на Ламборгини

Ристо Вуков по деби-сезоната во Карера-купот на Италија: Желба ми е да бидам првак во Светскиот порше-куп и тест-возач на Ферари или на Ламборгини

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Професионално во автоспортот сум од шестгодишна возраст, или вкупно 19 години. Имам многу успеси и сите ми се еднакво важни, но кога би морал да изберам, тоа е учеството на Светското првенство во картинг во 2009 година каде што бев единствен претставник од Балканот, вели Вуков

Додека повеќето шестгодишни деца си играат со пластични автомобилчиња, Ристо Вуков на истата возраст ги направи првите чекори во автомобилизмот возејќи картинг, а 19 години подоцна се наоѓа зад воланот на моќното „порше карера“. Популарниот Рико изминатиот викенд ја комплетира дебитантската сезона во престижниот Порше карера-куп во Италија. Дваесет и четиригодишникот секоја година искачува едно скалило во неговата тркачка кариера, како што е случајот и сезонава со настапот во Порше карера-купот, кое е едно од најценетите автомобилски натпреварувања во Италија, но и во светот.
Рико на последната трка од сезоната, која се возеше на легендарната патека Монца, заврши на шестата позиција, што му беше петти пласман меѓу најдобрите десетмина во 12 трки годинава во Карера-купот.
Негова следна цел е Светскиот карера-куп, но засега останува уште една сезона во Италија со цел да го допече занаетот, кога станува збор за возењето во ваква ексклузивна серија.

Изминатиов викенд ја комплетира твојата прва сезона во Порше карера-купот. Може да ни кажеш за каков тип тркачко натпреварување станува збор?


- Станува збор за едно од најпрестижните натпреварувања во Италија, како и во светот, рангирано на 3. место по тежина, по Светскиот и Германскиот карера-куп. Силната конкуренција, која ја сочинуваат минатогодишни шампиони во разни класи, го прави ова натпреварување уште повозбудливо и попредизвикувачко.



За кој тим се натпреваруваш и како дојде до можноста да возиш во овој куп?

- Возам за тимот GDL Racing, чиј сопственик е Џанлука де Лоренци, поранешен возач со над 20 години искуство и многубројни титули. Имав можност неколку пати да присуствувам како гледач на Порше карера-купот, каде што и го запознав овој тим, па по низа преговори дојдовме до договор.

Колку траеше сезоната во Порше-купот и дали си задоволен од твојот настап годинава?

- Оваа сезона се состоеше од шест двојни трки поради ситуацијата во која се наоѓа целиот свет. Можам да кажам дека сум презадоволен од оваа дебитантска сезона, пред сè, од тоа како се приспособив на автомобилот и како се вклопив во тимот. Најдобар пласман оваа сезона ми беше шестата позиција.



Пред Порше-купот во каков тип автомобил и серија се натпреваруваше и дали ти требаше многу време за да се приспособиш на „поршето“?

- Пред да влезам во овој автомобил се натпреварував во класата Југо хибрид, каде што возев трки и за македонскиот и за српскиот шампионат. Станува збор за тотално различен стил на возење, брзина, а улога имаат и сосема различните патеки од тие што досега ги возев. Беше тешко, но со тренинзи и посветеност можам да кажам дека речиси сум стопроцентно приспособен на овој автомобил што сега го возам.

Знаеме дека од мали нозе си во автоспортот, почнувајќи со картингот. Колку години професионално се тркаш и кој ти е најголем успех досега?

- Професионално во автоспортот сум од шестгодишна возраст, или вкупно 19 години. Имам многу успеси и сите ми се еднакво важни, но кога би морал да изберам, тоа е учеството на Светското првенство во картинг во 2009 година каде што бев единствен претставник од Балканот.



Каков ти е договорот со тимот сега? Остануваш во Порше-купот или имаш во план да се пробаш во други серии?

- Следната сезона повторно ќе возам во овој куп и секако останувам со мојот тим, па можеби во 2022 година би сакал да продолжам во Светскиот карера-куп.

Што правиш во текот на меѓусезоните за да ја одржиш тркачката форма? Како еден автомобилист тренира за тоа што го очекува на трките?

- Постојано тренирам на симулатор, пробувам нови патеки, а притоа ги повторувам и доусовршувам старите. Кога имам шанса, тренинзите ги практикувам на патеките. Физичката подготвеност исто така е од големо значење, па затоа вежбам во сала или пешачам на Водно.

Имаш 24 години. Во кој правец би посакувал да се развива твојата кариера во наредните десет години?

- Пред сè, желба ми е да настапам во Светскиот карера-куп, во кој дел од трките се возат заедно со Формула 1, и да бидам шампион во истиот куп, а за понатаму би сакал да станам професионален тест-возач на престижни автомобили како ламборгини, порше, ферари...



Приватно што преферираш да возиш. Кој ти е омилен бренд и модел на автомобил?

- Преферирам брзи и спортски автомобили, а приватно возам бе-ем-ве M2. Омилен бренд отсекогаш ми бил „ферари“.

Освен автомобилизмот, која е твоја пасија што би била на прво место кога не би било тркањето?

- Трките и само трките!

Фото: Фејсбук, Ристо Вуков