Не постои такво нешто како сродна душа

Не постои такво нешто како сродна душа

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Од вековниот поим за „вистинскиот/вистинската“ во бескрајните поп-песни до огромните, кинематографски прикази на вистинската љубов во класичните филмови како „Англискиот пациент“, „Духот“ и „Бележникот“, распространето е верувањето дека секој од нас е предодреден за совршен партнер.

Но, оваа идеја е бесмислица. Таа, всушност, ве кочи.

Концептот на сродна душа - личност која е уникатно предодредена да ја надополнува секоја наша мана, мисла и потреба, ни дава пријатно чувство, но на тој концепт му недостигаат сложеноста и нијансите на вистинските човечки односи. Подобро е да се откажете од тоа и да се нурнете во прекрасното секојдневие на нормалните врски.

Еден од најпродорните аспекти на наративот за сродната душа е идејата дека постои само една личност која е совршена за вас - емоционално, интелектуално и физички. Таа ќе надомести за сè што згрешиле вашите родители, ќе можете да споделите сè со неа, ќе ги разбере и ќе ги сака сите помрачни страни на вашата личност. Ќе имате неограничен, одличен секс.

Тоа е глупост. Човечките односи се динамични, постојано се менуваат и се под влијание на безброј фактори, како личен раст, комуникација, споделени искуства и надворешни притисоци, како што се децата и кариерата. Ако мислите дека постои само една вистинска личност за вас, ќе го занемарите фактот дека многу, многу луѓе би можеле да ви бидат одлични партнери.

Луѓето не се среќаваат затоа што интервенира универзумот. Тие се среќаваат затоа што се на вистинското место во вистинско време - на работа, на универзитет, во бар. Односите не се за пронаоѓање еден „совршен“ партнер, туку за градење меѓусебно разбирање, почит и заеднички цели.

Ниту една врска не е без предизвици, а идејата за совршен партнер создава нереални очекувања. Ако мислите дека вашиот партнер треба да ги исполни сите ваши потреби и желби, ќе бидете фрустрирани кога тој неизбежно ќе потфрли. Ќе останете со чувството дека сте се решиле за нешто што не е доволно добро за вас, дури и кога сте со совршено солиден партнер. Партнерите кои имаат нереални очекувања еден од друг имаат поголема веројатност да доживеат незадоволство и распад на односите. Идејата дека некој ќе ве разбере сосема без да треба да комуницирате е катастрофа. Вистинската љубов и партнерство бараат работа, компромиси и подготвеност да растете заедно. Поздраво е да барате партнер кој ги надополнува вашите вредности и цели и кој е подготвен да се движи со вас низ подемите и падовите во животот.

Врските најдобро се гледаат како партнерства засновани на споделени одговорности, семејни врски и меѓусебно почитување - култивирана врска наместо мистично усогласување. Апликациите за запознавање дури може да помогнат во тој поглед, користејќи алгоритми кои сугерираат повеќе совпаѓања врз основа на фактори како што се интереси, локација и особини на личноста.

Оваа промена во начинот на кој пристапуваме кон љубовта е поддржана и со истражување. Едно истражување покажало дека луѓето што ѝ пристапуваат на љубовта со „смисла за раст“, гледајќи ја љубовта како нешто што се развива и еволуира со текот на времето - имаат поголема веројатност да имаат стабилни и трајни врски отколку оние што веруваат во наоѓање сродна душа.

Друг аргумент против постоењето на сродната душа е дека ние, како поединци, постојано се развиваме. Нашите желби, цели, па дури и личности се менуваат во текот на нашите животи. Ова значи дека секоја врска заснована на идејата за статичен, совршен партнер е инхерентно погрешна. Во реалноста, најдобрите односи се оние во кои и двете индивидуи се слободни да растат, индивидуално и заедно, и во кои секој партнер го поддржува растот на другиот. Најуспешните врски се оние во кои и двајцата партнери продолжуваат да се развиваат - и каде што наоѓаат начини да се приспособат и да напредуваат заедно и покрај нивните промени.

Идејата за сродна душа ги отстранува изборот и контролата од врските. Ако верувате во предодредена сродна душа, можеби ќе „чекате“ некој да дојде во вашиот живот. Не правете ја таа грешка. Наоѓате некој со вложување напор: со излегување со пријателите, приоѓање кон некого во бар итн. Универзумот нема да помогне. Мора да работите за да го добиете тоа и да ја прифатите веројатноста за одбивање во искуствата. Односите се градат со свесен избор и напор. Избираме да се посветиме, избираме да комуницираме и избираме да направиме компромис. Никој не е предодреден да биде вашиот совршен партнер. Најуспешните врски се оние во кои и двајцата избираат да инвестираат еден во друг, да градат доверба и да растат заедно.

Научете да ја прифаќате љубовта како убав, неуреден тековен процес. Вистинската љубов се гради преку меѓусебно почитување и заеднички вредности. Кога ќе се откажете од идејата за сродна душа, ќе се отворите за подлабоки, поавтентични врски - оние што се втемелени во реалноста, а не во фантазијата.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik