Европската комисија поднесе петта тужба против „Тик-ток“
Европската комисија го обвини „Тик-ток“ за кршење на правилата за интернет-платформи поради осмислување алгоритми кои ги вовлекуваат корисниците во таканаречени „зајачки дупки“. Прелиминарните наоди се прв случај во кој Комисијата се фокусираше на системите за препораки на една социјална мрежа како на кршење на Законот за дигитални услуги. Тој пропис овозможува изрекување парични казни во износ до 6 проценти од вкупниот годишен глобален приход на компанијата.
Ова е петти случај во кој извршното тело на Европската Унија го обвинува „Тик-ток“ за кршење на правилата, иако досега не се изречени никакви парични казни. Европската комисија наведе дека таа компанија не го зела предвид ризикот од вовлекување на корисниците во „зајачки дупки“ преку непрекината низа персонализирани видеозаписи, дури и кога станува збор за содржина поврзана со проблеми во областа на менталното здравје или перцепцијата за сопственото тело.
Истрагата се фокусираше на влијанијата врз менталното здравје бидејќи доказите тука беа најцврсти. Колку повеќе корисниците стапуваат во интеракција со содржината, дури и ако таа е потенцијално штетна, толку повеќе таква содржина им се препорачува, наведе Комисијата, додавајќи дека мерките што ги воведе „Тик-ток“ за да го сузбие тој ефект не биле ефикасни.
„Тик-ток“ би требало повеќе да ги уважува експлицитните сигнали - како копчето со ознака „I'm not interested“ („Не сум заинтересиран“) - отколку имплицитните сигнали, како самиот ангажман на корисникот. Метриката за ангажман го мери нивото на интеракција на корисникот со содржината, на пример, колку време поминуваат гледајќи видеа или означувајќи содржина што им се допаѓа.
Предложените решенија мора да бидат делотворни. Комисијата смета дека постојните мерки на „Тик-ток“ не се такви.
Законот за дигитални услуги предвидува можност за приказ на содржина што не е персонализирана за сите корисници. Но, таа опција всушност ја избираат само 0,2 проценти од корисниците на „Тик-ток“.
„Тик-ток“ претходно успеа да ја заврши истрагата што се однесуваше на транспарентноста на огласувањето со постигнување договор со Комисијата за потребните корективни мерки.
Фото: magnific