Мистериозна гробница во Сибир крие тајна стара 2.800 години - научниците открија траги од користење канабис
Археолозите што ги предводеа ископувањата на монументалната гробница во Сибир соопштија дека најдоа докази за најраната позната употреба на канабисот во психоактивни цели. Овие резултати укажуваат на тоа дека канабисот се користел најмалку 300 години порано отколку што досега се знаеше врз основа на доказите од соседна Кина.
Употребата на опиумски средства во дамнешните времиња долго им го привлекуваше вниманието на научниците. Грчкиот историчар Херодот пишуваше за жителите на Централна Азија кои пушеле канабис околу 440 година пред новата ера, а археолозите неодамна пронајдоа семиња од ова растение во гробниците во тамошните висорамнини.
Истражувачи од Германија, Русија, Шведска и Швајцарија наведоа дека анализата на косата најдена во кралската гробница — во која беа откриени и семиња од канабис — фрла ново светло врз улогата на ова растение во древните општества.
- Многу е ретко на исто место да најдеме и сочувани делови од растенија и човечко меко ткиво кое содржи активни супстанции - рече коавторот на студијата, Џино Каспари, археолог од Универзитетот во Берн.
Според него, не е јасно дали канабисот се консумирал со вдишување чад или со поинакво внесување во организмот.
Ископувањата се започнати во 2017 година на големото гробно место „Тунуг 1“, во долината Ујук во јужен Сибир. Таму е една од најстарите монументални гробници која сведочи за материјалната култура на Скитите - древни номади кои мигрирале од Централна Азија кон јужна Русија и Украина.
Истражувачкиот тим со месеци живееше во шатори, од пролет до есен, соочувајќи се со мочуришта, снежни бури, мразови и роеви комарци.
Најдени се и оружје, опрема за коњи и предмети украсени со мотиви во таканаречен „животински стил“. Меѓутоа, тимот дојде до вистинското откритие кога најде ситни црни дамки - семиња од канабис, заедно со сочуваните прамени коса, рече Каспари.
- Како археолог, ретко имате можност да правите токсиколошка анализа на личност која е мртва речиси 3.000 години - рече тој.
Радиокарбонското датирање на некои од над 1.000 семиња помогна да се утврди периодот од кој потекнуваат. Тие тука не се нашле случајно, туку намерно се положени во гробницата, што покажува дека тоа растение имало одредено значење за тогашната заедница, наведе тој.
Резултатите се објавени во списанието „Сајанс“.
Фото: magnific