За еден милион долари може да го забавите стареењето, тврди биотехнолошка компанија

За еден милион долари може да го забавите стареењето, тврди биотехнолошка компанија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Биотехнолошка компанија наречена „Либела Џин Терапитикс“ тврди дека генскиот третман што моментално го развива може да го одврати стареењето за дури 20 години.

За цена од околу 1 милион долари компанијата ќе им понуди експериментален третман на постари клиенти за кои од компанијата велат дека ќе ги прошири нивните теломери - структури што се наоѓаат на крајот на нашите хромозоми како заштитни капачиња, но постепено се смалуваат како што старееме.

„Либела“ користи технологија за хакирање гени за да внесе одреден ген во клетките на пациентите, што предизвикува процес преку кој се реновираат телемерите. Компанијата заклучува дека со тоа може навреме „да се замрзнат“ клиентите или дури да се направи да изгледаат помлади.

- Знам дека тоа што се обидуваме да го направиме звучи како научна фантастика, но верувам дека е научна реалност - рече извршниот директор на „Либела“, Џеф Матис.

Но, експертите од областа не се убедени и велат дека бизнис-практиките на компанијата и научните тврдења креваат црвени знамиња.

- И покрај тоа што компанијата има седиште во САД, успеа да најде начин да го избегне американскиот федерален закон со тоа што оди во јурисдикција каде што е полесно да се вклучи во оваа активност - истакнува Ли Тарнер, биоетичар на Универзитетот во Минесота.

Тарнер смета дека е особено вознемирувачко тоа што биотехнолошката фирма не го спроведува својот експеримент против стареење преку некоја од поголемите болници.

- Ова го сметам за студија каде што многу работи би можеле да тргнат наопаку - рече тој.